Владимир Лукаш:Сакав да си ги видам цртежите во едно поживо и попалаво издание
— 6 јули, 2018Понекогаш нештата многу полесно се прикажуваат со цртеж, понекогаш со проза, а понекогаш, едноставно, не излегува ништо. Тоа ништо би го нарекол Зен затапеност, вели Владимир Лукаш, кој го има изградено својот имиџ на уметник со раскошен спектар на таленти: тој е музичар, ликовен уметник, аниматор, автор на анимирани филмови, пишувач на проза и поезија… Од пред неколку години тој доби желба на своите цртежи да им даде поинаков живот, да ги раздвижи и да раскаже поинаква приказна. Така настана неговиот самостоен анимиран филм „Девојката што паѓа“, а наскоро ќе го видиме неговиот следен краткометражен анимиран филм, „Вида и Добре“. Оваа недела се отвора негова самостојна изложба во Берлин.
Како би се обишал себеси како мултимедијалец? Имаш завршено на музичка академија во Штип, а присутен си и на ликовната сцена, имаш свои изложби, автор си на анимирани филмови,музички видеа, пишуваш проза и поезија?
Како прво, уметноста ја сфаќам како игра во која нема победници и победени, и најмногу поени во моите очи добива оној кој ќе се заигра со најголемо уживање, но исто така, уметноста е една многу сериозна игра која може да придонесе за квалитетот на секојдневниот живот, без разлика дали ја гледате од чисто естетска страна – како земја од фантазијата во која се раѓаат формите и идеите, или како оружје кое може да ја промени свеста на луѓето кон подобро и да раздвижи некои прашања кои нуркаат во живата кал на репресијата како сеништа протерани од космосот. Но уметноста, како што знаеме сите, може да послужи и како силно пропагандно оружје кое ја вшмукува убавината на животот и го фрла празниот егзоскелет во смрдливата депонија на безумноста.
Сите медиуми кои ги користам ги гледам како една приказна која тера напред и не знае точно во кој правец ќе сака да продолжи. Различни емоции, различен медиум. Понекогаш нештата многу полесно се прикажуваат со цртеж, понекогаш со проза, а понекогаш, едноставно, не излегува ништо. Тоа ништо би го нарекол Зен затапеност.
Како почна со анимацијата?
Кога сфатив дека сакам да си ги видам цртежите во едно поживо и попалаво издание, кога добив желба да ги раздвижам. Секој цртеж си има своја приказна, која може да се прошири.
Од каде ја црпиш идејата за анимација, што најчесто ве инспирира за да почнете да творите во областа на ликовната уметност, тука би ја вклучила и анимацијата?
Филмската уметност, вклучувајќи го тука и анимираниот филм како многу битен дел од тој универзум, бара, ако не огромно, тогаш барем пристојно познавање на книжевноста, музиката, стрипот и така натаму, зошто, нели, ги опфаќа сите тие уметности и ги третира како полноправни членки. Но, исто така, инспирација може да се најде и во дупка на улица, полна со вода, во која пливаат суштества стари милијарди години. Се инспирирам од моите стравови, од кутрата судбина на мојата земја распарчена од погрешни политички одлуки, од среќните очи на моето куче кога држи гумено топче… всушност, од се’ што може да ме расплаче, насмее, налути, убие и љуби.
Зошто се одлучи токму за оваа техника што ја користиш во твојата анимација која вклучува цртежи и колажи?
Пред се сакав рачна работа, оваа техника ми беше блиска и возбудлива…во суштина сакав да проверам до каде може да одам да ја развивам приказната!
Агенцијата за филм најави поголема поддршка за анимираниот филм? Како би го коментирале ова?
Агенцијата за филм, и покрај поддршката за која сме ѝ неизмерно благодарни, треба да почне да го третира анимираниот филм на истиот начин на кој го третира и играниот филм, барем во финансиски контекст. Играниот филм бара голем, понекогаш огромен тим на актери, сценографи, костимографи и милион други работи, а сето тоа чини брдо пари, река нерви и море нервози. Но и времето, потребно да се изработи еден анимиран филм, бескрајно се издолжува, често трае подолго од една година, овде зборувам за краткометражен анимиран филм, којшто бара комплетна посветеност, тимот е најчесто составен од неколку луѓе кои не гледаат бел ден додека трае процесот, но, барем актерите, а тоа се кукли, хартиени фигури и всушност се’ што може да послужи, се кротки, послушни суштества, оперирани од егото на Дивите!
Како и да е, дел од авторите на „новиот бран“ на анимирани филмови беа и се присутни на најголемите светски фестивали за анимиран филм – тренд кој без континуирана поддршка од Агенцијата за филм, тешко дека ќе може да одржува континуиран подем.
Како би ја оцениле состојбата со анимиранот филм во нашата земја? Овде би го спомнала Линкс студиото! Колку е добро што постои ова студио во Македонија во однос на соработка со автори како вас?
Анимираниот филм во Македонија во изминативе неколку години е во полн цут, без разлика што се снимаат премалку филмови. Авторите како Жарко Иванов, Иван Ивановски, Вук Митевски, Гоце Цветановски и Крсте Господиновски внесоа нова свежина во медиумот кој беше во карантин повеќе од 30 години.
Во светот постои тренд да се снимаат анимирани филмови по познати стрипови? Дали и кај нас е истиот случај?
Во земјите во кои стрипот е веќе традиција, сосем е нормално да се снимаат филмови според стрипови. Но, најчесто тоа се мултимилионски проекти базирани на мејстрим стрипови, кои служат само за забава и за полнење џебови. Во секој случај – но не и за жал – само уште една недостижна работа кај нас.
„Девојката што паѓа“ е ваш дебитантски филм и е прикажан на многу фестивали! Што е следно на ова поле?
„Девојката што паѓа“ е краток црно-бел анимиран филм изработен во техниката кат-аут анимација, со плошни хартиени фигури на мултиплан камера сет (неколку стаклени површини наредени една врз друга со променливо растојание за да се добие длабочина).
Учествуваше на над 20 филмски фестивали во светот: Сараево филм фест, Пост мортем филм фестивал – Мексико, на фестивали во Италија, Перу, Кина итн, и собра 2 награди (на Анимакс во Скопје и на Филмскиот фестивал во Поградец, Албанија).
„Девојката“, колку и да беше забавно да се работи на тој филм, е веќе завршена приказна. Во моментов работам на еден друг краткометражен анимиран филм, „Вида и Добре“, работен во истата техника, но со многу поразлична приказна и атмосфера. Станува збор за „класична“ детска бајка инспирирана од една стара народна приказна, која, во различни варијанти постои во многу европски и азиски земји. Анимацијата ја работиме заедно со Љубиша Камењаров и Жарко Иванов, кој воедно е и директор на фотографија и продуцент, Александар Прокопиев се јавува како автор на сценариото, а јас сум режисер и автор на музиката.
Оваа недела патувате во Берлин, каде ќе присуствувате на отворањето на ваша изложба? Со што ќе се претставите во овој германски град на уметноста?
Изложбата ќе содржи четири книги со цртежи наречени „Скицерајките“ . Тоа се дневнички записи на делот од потсвеста кој е секогаш зафатен и тешко се пробива „надвор“. Таму се ликовите кои некако ми останале во меморијата од разминувањата на улица, шалтер, кафеана… После само ги комбинирам и филтрирам тие мали приказни кои сугерираат но не се дефинитивни или дефинирани; тие можат да бидат и колекција карактери за роман, цртан филм, стрип… Ги нарекувам скици зашто немаат континуитет, не се поврзани во „голема приказна“, не се поделени во циклуси… Само се дел од некои мои секојдневни авантури.