Култура

Требенишките маски наскоро ќе се обединат во една изложба

По сто години, познатите Требенишки златни маски, бронзените кратери но и друг луксузен материјал од 6 век пред новата ера, пронајдени на некрополата Требеништа кај Охрид, првпат ќе бидат заедно изложени на голема археолошка поставка која во ноември ќе биде отворена во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, пишува fakulteti.mk. Артефактите, кои во првата половина на 19 век биле изнесени прво во Софија, а потоа во Белград, заедно со предметите што се наоѓаат во нашата земја, ќе бидат изложени во една заедничка иложба, којашто прво ќе биде отворена кај нас, а потоа ќе биде преселена во Белград и во Софија.

– Сите се согласивме да почне од Археолошкиот музеј на Македонија бидејќи материјалот потекнува од денешната територија на Република Македонија, вели директорот на Археолошкиот музеј, Горан Санев.

Околу 400 оригинални предмети, златните посмртни маски, ракавиците, накитот, бронзените кратери… ќе бидат изложени на цел кат во музејот, чии витрини ќе бидат специјално испразнети за оваа изложба. Поради огромната вредност на предметите и нивното огромно значење за археологијата и историјата, се разгледуваат опции за осигурување на предметите, за што ќе бидат неопходни државни гаранции.Идејата на изложбата е првпат да го обедини сиот материјал од Требеништa. Ќе има и каталог во кој ќе биде објаснет секој предмет поединечно. 

Некрополата Требеништa отсекогаш била болна точка во археологијата бидејќи материјалот е растурен низ трите земји, а нејзиното значење е толку големо. И денес некрополата крие одговори на многу прашања, па затоа таа се става во  рамките на митовите: кои се покојниците, како тие живееле и многу други прашања, вели Санев.

Во 1918 година, за време на Првата светска војна, бугарски војник случајно открил артефакти на гробницата крај селото Требеништа, Охридско. Следувале првите археолошки ископувања што ги спровеле бугарските археолози Богдан Филов и Карл Шкорпил. Тие во 1927 година првпат ги публикувале наодите од седумте гроба што ги истражиле. Српскиот археолог Никола Вулиќ ги продолжил ископувањата од 1930 до 1934 година и открил уште шест нови гроба со луксузни предмети. По Втората светска војна, кога Македонија добила официјален статус на република, на Требеништа ископувале Васил Лахтов и Јоже Кастелиц во 1953/1954 година и Владо Маленко во 1972 година, а потоа и археологот Паско Кузман. 

Санев вели дека изложбата е веќе договорена, а се отвора по повод јубилејот – сто години од првиот наод на Требеништа. Тој лани се сретнал со колегите од Белград и од Софија што работат на овие збирки во своите институции.
Идејата е оваа изложба да биде поставена во европските метрополи. Како што пренесува fakulteti.mk, неофицијално, за изложбата веќе има интерес од музеи од Париз, Берлин, Виена. Според Санев, успех е на едно место да се собере толкав материјал, кој го истражувале археолози од Македонија, Бугарија и од Србија.
– Ова е шанса да се согледа сета таа култура на едно место. Овој договор е подвиг, обединува, отвора многу нови перспективи. Веќе со колегите од Бугарија размислуваме за заеднички истражувања. За сите три земји, овој проект е многу важен и значаен. Ако досега Требеништа бил симбол на разединување, сега ќе стане симбол на обединување – вели Санев.

Изложбата во Македонија ќе биде отворена пет-шест месеци, во 2019 година ќе биде поместена во Софија, а потоа во Белград. 

Автор:

Слични статии