„Скопско лето“ нуди 50-тина настани на 20 локации во 40 дена
— 19 јуни, 2018На светскиот ден на музиката, 21 јуни во четврток, ќе започне 39. издание на манифестацијата „Скопско лето“ со концерт на музичари од Израел во Македонската филхармонија. На оваа манифестација која ќе трае до 31 јули ќе се одржат педесеттина културни настани. И оваа година основата на програмата се домашни музички уметници и ансамбли, како и млади уметници кои допрва зачекоруваат на сцената, така што „Скопско лето“ и овојпат ја покажува својата широчина и отвореност за креативните сили, истакна директорот на Дирекцијата за култура и уметност, организаторот на „Скопско лето, Никола Глигоров. Манифестацијата е поддржана од Град Скопје, Министерството за култура и од странски културни центри и амбасади.
„Скопско лето“ и оваа година содржи атрактивна и квалитетна програма со речиси педесет програмски содржини коишто до крајот на идниот месец ќе се одржат на 20-ина локации во градот. Во наредните 40 дена ќе имаме театарски претстави, концерти од различни жанрови, програми за деца, десетина изложби со домашни и со ликовни уметници од странство, промоции на книги, а ќе ја има и редовната филмска содржина „Кафе кино“ со проекции во Сули ан – рече Глигоров.
Израелскиот амбасадор во Македонија Дан Оријан, нагласи дека секоја година учествуваат на овој фестивал со настани кои се привлечни за публиката, а годинава, имаат чест да го отворат фестивалот со концертпо повод 70 години независност на Израел.
Во првиот дел од концертот ќе настапи Дадо Дганит, позната пејачка и член на Националниот театар на Израел „Хабима“. На своите концерти таа им дава нов живот на старите ладино мелодии и разновидната еврејска музичка култура ја модернизира збогатувајќи ја со ориентален ритам и клезмер звуци.
Во вториот дел од концертот ќе настапи водечката флејтистка во Израел, Хефциба Зер Авив, која свири на повеќе од 20 видови флејта и претставува уникатен и спектакуларен мозаик од израелски и медитерански егзотичен стил на свирење флејта.
Првата театараска изведба на годинашното „Скопско лето“ ќе биде ден по неговото отворање – в петок во МНТ ќе гостува загрепскиот театар „Гавела“ со „Крал Ричард Трети“ во режија на Александар Поповски.
На прес-конференцијата режисерот рече дека претставата е нова, од минатата сезона на „Гавела“, каде што тој работи десетина години. Неговата претстава „Сон на летната ноќ“ беше десет години на репертоарот на овој театар во Загреб. „Ричард Трети“ не е едноставен материјал и потребни се добри актери, а тие тоа го имаат. Феномен од актер е Озрен Грабариќ, кој го игра насловниот лик – рече Поповски.
На денешната прес-конференцијата беше промовиран и водич за Скопје на англиски јазик „Guide Book Skopje“ на издавачката куќа „Љубовта е петтиот елемент“. Претставникот Гоце Дртковски соопшти дека водичот за странци содржи податоци за сė што е вредно во, како што рече, седум илјади години култура во Скопје.