Под слоганот „Симнуваме капа“ ќе стартува 39.издание на “Браќа Манаки“
— 28 јуни, 2018Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, годинава 39-ти по ред, ќе се одржи од 22 до 29 септемри во Битола, со слоганот „Симнуваме капа“. Ова го соопшти раководството на Фестивалот на прес конференцијата, што се одржа денеска (28 јуни) во МКЦ, а повод беше соопштувањето на добитникот на „Златна камера 300“ за животно дело – британскиот оскаровец, кинематографер, Роџер Александер Дикинс.
Директорката Гена Теодосиевска потенцираше дека реномето и понатаму ќе го создаваат и градат на еден од најстарите филмски фестивали, најавувајќи зголемување на број на фестивалски содржини, коишто оваа година ќе бидат 14, но, поместување на границите, не значи отфрлање на досега направеното.
– Во една смисла значи промена, но не и отфрлање на позитивните искуства вклучени со години и градени со децении од оние кои ја почувствувале потребата да се основа и да се организира еден ваков фестивал и да се слави филмот во градот на браќата Манаки – рече директорката на фестивалот.
Годинава ќе има нови селектори на филмските програми: Марија Џиџева ќе биде на документарната програма, Даријан Пејовски и Марија Апчевска се селектори на кратките филмови, Слаѓан Пенев, е за програмата „Европски филмски перспективи“ која почна пред две години.
- Неколкугодишната упорност, да го донесеме во Македонија еден од најголемите живи светски кинематографери Роџер Дикинс се оствари на наша најголема радост и тоа во годината кога тој конечно стана заслужен освојувач на Оскарот за креацијата во сега веќе новото антологиско дело од неговата богата ризница – „Blade Runner 2049“, рече уметничкиот директор на „Браќа Манаки“ на пресот, читајќи ја биографијата за Дикинс
Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) Игор Иванов-Изи истакна дека остануваат посветени на „Браќа Манаки“.
- Со 40-тото издание на „Браќа Манаки’ ќе започнеме со новата стратегија на македонскиот филм, којашто се однесува на конечно расчистување на тоа што го обременуваше филмот во Македонија, а се однесуваше на филмови кои тешко се продуцираа и се завршуваа, со чудни теми од историјата. Фокусот ќе биде ставен на младите автори, да снимаме филмови кои се случуваат овде и сега и зборуваат за нашите генерации и она што нас нė опкружува – рече Иванов-Изи.
Тој истакна дека пред почеокот на 39. „Браќа Манаки“ ќе биде завршен изборот на македонски кандидат за Оскар, оваа година ќе бидат осум или девет филмови, кои ќе бидат номинирани и изрази надеж дека повеќе нема да се случи да немаме свој претставник за Оскар,, рече претседателот на ДФРМ.
Британскиот амбасадор Чарлс Гарет , изрази задоволство што Роџер Дикинс е добитник на наградата за животно дело на најстариот фестивал посветен на инематограферите именуван по браќата Манаки чии снимки, рече, ги гледал со задоволство и уживав во нив.
- За нас во Велика Британија, филмот е значаен дел од креативните индустрии за кој сметаме дека имаме успех во глобални рамки. Филмот е уметност, образование, медиум, хроничар на времето, одраз на културата и ведностите во кои живееме и затоа ја заслужува нашата поддршка, истакна британскиот амбасадор на прес-конференцијата на ИФФК „Браќа Манаки“.