Фестивалот на музички документарни филмови, „Скопје Синема Сити“ што ќе се одржи од шести до 10 јуни во Кинотека на Македонија, најавува претфестивалска програма на самиот старт на Фестивалот, шести јуни во Кинотека на Македонија, почеток во 19 часот.
Публиката ќе може да ја погледне изложбата на фотографии на истакнати македонски џез-музичари, со наслов „Македонска џез-тетика“, од авторката Татјана Ранташа. Во време ќе започне и концертот на квинтетот на Гоце Стевковски.
Татјана Ранташа е реномиран фотограф кој зад себе има над 15 години искуство и тоа најмногу со сценска фотографија. Почнувајќи од 2005 г. таа е официјален фотограф за издавачките куќи како Авалон, Пасворд, МКЦ-концерти, МОТ, Десонанц фестивалот, а денеска е најчесто ангажирана за Оффест и Скопскиот Џез-фестивал, како нивни официјален фотограф. „Македонска џез-тетика“ е избор од фотографии од различни генерации на македонски џез музичари почнувајќи од Џијан Емин, Гоце Стевковски, Алек Секуловски, па до Симон Киселички, Мишко Парушев и Владан Дробицки, од Трајко Велков, Бојан Шамба, па до Кирил Кузманов, Кирил Туфајхчиев, од Влатко Стефановски, Васил Хаџиманов, па до Тони Китановски, Кокан Димушевски и многу други.
Настапот на Гоце Стевковски со неговиот квинтет е дел од изложбата. Стевковски е основоположник на Здружението на џез-музичари, организатор на бројни музички џез-каравани низ државата, интегрален член на многу антологиски музички состави и е главен промотор на џез-културата во Македонија.
Изложбата и настапот се дел и од филмската џез- програма на фестивалот. Иако фестивалот почнува со филмот за Руичи Сакамото, сепак на програмата се присутни филмови за Blue Note Records: Приказна за современиот џез, Сан Ра: Братот од другата планета, Бил Еванс: Сеќавање на едно време, кратки филмови за Зоран Маџиров и Драган Ѓаконовски Шпато.
Претфестивалската програма со изложбата и настапот се со слободен влез.