Наградените композитори ќе го тужат министерот за култура
— 15 мај, 2018Наградените автори на Конкурсот за откуп на нови музички дела за 2017, што подоцна беше поништен, најавија тужба против министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Министерот го поништи овој конкурс, а решенијата за поништувње на конкурсот авторите ги добиле овие денови.
„Наградените автори на Конкурсот за откуп на нови музички дела конечно добија Решение за поништување на конкурсот од страна на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, по два претходни налози од Државниот управен инспекторат. По добивањето на решението за поништување на објавените награди, авторите ќе поднесат тужба до Управниот суд и ќе поведат граѓански тужба со барање надомест за штета, поради компромитирање и нарушување на анонимноста на нивните дела и нивниот повеќемесечен труд“, се вели во соопштението на композиторите.
Тие велат дека иако министерот најавил повторување на конкурсот, Министерството сè уште нема објавено никакви информации во врска со неговото повторно објавување.
„Прашање е дали министерот навистина има намера да го повтори конкурсот, или пак не му се допаднале определени имиња како што претходно тврдеа наградените автори. Оштетените автори посочуваат дека причините за поништување на конкурсот наведени во решението, согласно Законот за култура, се резултат на немарноста на самиот министер и неговите служби, но уште позагрижувачки е фактот дека истите пропусти, спротивно на законот, се направени при реализацијата на Годишната програма, што може да биде основ за нејзино поништување доколку некој поведе тужба пред надлежниот суд“, се вели во соопштението.
Минатиот месец Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ побара од Алаѓозовски да ја преиспита одлуката за поништување на конкурсот. „Соопштението на Министерството за поништување на конкурсот содржи информации, ирелевантни за самото поништување. Цитирани се неколку делови од пропозициите (роковите за поднесување на пријавените дела, но и потребата за поднесување на пријавите под шифри), кои немаат никаква врска со поништувањето на конкурсот. Вметнувањето на овие цитати е пиар-трик на Министерството со намера да се создаде впечаток дека авторите што се наградени го компромитирале процесот“, реагира СОКОМ.
Авторите наведоа дека може само да се претпостави дека на министерот не му се допаднал списокот со наградени автори и планира во повторeниот конкурс да се ангажира административно за да се дојде до список што нему му се допаѓа. „Поради очигледниот недостиг на релевантни причини за поништувањето на конкурсот, го повикуваме министерот да ја преиспита одлуката и да ги преземе обврските пропишани во конкурсот“, се вели во соопштението под кое се потпишани Јана Андреевска, Андреј Блажевски, Илија Илиевски, Валентина Велковска-Трајановска, Филип Иванов, Кокан Димушевски, Горан Начевски, Ана Пандевска, Бојана Петровиќ, Драган Стојковски, Тодор Трајчевски, Благој Цанев, Сони Петровски и Панде Шахов.