Славната пијанистка Валентина Лисица во Скопје
— 18 април, 2018Утре, во редовниот термин, 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт со една од најпознатите пијанисти денес, Валентина Лисица од Украина/САД. На програмата се дела од Модест Мусоргски, „Слики од изложба“ и прочуениот концерт за пијано и оркестар број 2 од Сергеј Рахмањинов. Диригент на утрешниот концерт е Габриел Бебешелеа.
Славната пијанистка Валентина Лисица, која што ја опишуваат како првата Јутјуб – ѕвезда на класичната музика и првиот класичен уметник кој својот успех на интернет го претвори во глобална концертна кариера низ Европа, САД, Јужна Америка и Азија.
Украинската уметница своето музичко образование го започнала во својот роден град Киев во Музичкото училиште за високоталентирани деца „Лисенко“, а го продолжила на тамошниот Конзерваториум. По имиграцијата во САД, заедно со нејзиниот сопруг почнале да настапуваат како пијано дуо, и тоа резултирало со неколку успеси на пијано-натпревари и со бројни концертни ангажмани. Нејзините неконвенционални настапи потоа се покажале како мошне впечатливи за публиката, а особено нејзините снимки на интернет кои достигнале милионска гледаност.
Нејзините концерти се распродаваат со месеци однапред, а така беше и со нејзиниот настап во „Аудиторио национал“ во Мадрид, каде што заедно со Шпанскиот национален оркестар ги отсвири, во една вечер, сите концерти за пијано и „Рапсодија на тема на Паганини“ од Рахмањинов.
Во 2011 година, таа дебитираше со Симфонискиот оркестар на Бразил и маестро Лорин Мазел, а настапува со престижни симфониски оркестри како што се Чикаго симфонијата, Радио-симфонискиот оркестар на Келн, Филхармонијата на Сеул, Сан Франциско симфонискиот оркестар, Лондонскиот симфониски оркестар, Би-Би-Си оркестарот, „Чајковски“ симфонискиот оркестар, симфониските оркестри на Прага, Хелсинки, Синсинати, Балтимор. Има ексклузивен договор за издавачката куќа „Дека“, по спектакуларниот настап во „Ројал Алберт хол“ пред 8.000 посетители, во 2012 година.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Државниот филхармониски оркестар „Трансилванија“ во Клуж-Напока, Романија.Има светска кариера, а моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.