Култура

Премиера на „Враќање“ во македонско-косовска продукција

Вечерва, во киното Синеплекс, во Сити Мол, со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде прикажан филмот „Враќање“ на режисерот Кастриот Абдили, кој воедно е и автор на сценариото.

Филмот „Враќање“ е работен во копродукција со средства од Македонија и од Косово и е  првата ко-продукција снимена помеѓу овие две земји. Иако беше снимен за рекордно кратко време во 2013 година, завршувањето на постпродукцијата на филмот траеше четири години поради немање средства за и тој дел да биде завршен. Имено, целокупниот буџет на филмот изнесува 405 000, (405 илјади) евра од кои од Агенцијата за филм биле обезбедени 200 000 (200 илјади) евра и од Косовскиот Центар Кнотагорг 62 000 (62 илјади) евра. Во иминативе години се одвивале преговори со двајца француски продуценти, со кои и после две години преговори, поради концептуални причини, како што вели Кастриот Абдили,  не успеале да се договорат. Неуспешен обид бил и со Албанскиот кинематографски центар од каде чекал одговор кој како што било ветено, требало да биде позитивен, но сепак и од таму не биле обезбедени пари. На крајот останатите потребни средства режисерот самиот ги обезбедил.

Приказната се одвива  во 2000 година во едно албанско село, кога враќањето на младиот Илир од странство, после седум години, го пореметува секојдневниот живот на неговите блиски но и на луѓето во селото. Илир се враќа заедно со неговата девојка, Французинка, со која има намера да се ожени.  Враќањето на Илир не внесува немир само кај неговите  родители туку и кај девојката од селото, Барда, на која и ветил дка ќе се ожени со неа пред да амине во странство.

Оваа приказна ги прикажува судирите помеѓу современиот живот, еманципацијата и  модерното  со традицијата

Снимањето на филмот се одвиваше на локации во Македонија, во село Јаболце, општина Сопиште и неговата околина, потоа на границата помеѓу Kосово и Македонија и во Драч, Албанија.

Слични статии