Култура

Наградата „Роман на годината“ врачена на Фросина Пармаковска

Вечерва, во Уметничкта Галерија – Скопје во Даут Пашиниот амам, беше врачена наградата  „Роман на годината“ за 2017  година на Фросина Пармаковска за романот „Одбројување“,  што за прв пат ја доделува  Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

Пармаковска беше избрана за добитник на признанието за својот трет роман „Одбројување“, издание на „Или-или“, во конкуренција на 27 романи. Романот беше избран со мнозинство гласови на петчленото жири, а одлуката беше соопштена на 15 март. Наградата се состои од  статуетка, плакета и паричен износ од 150.000 денари, која годинава ја обезбеди Комерцијална банка а.д. Споредкако главен поктовител. „Одбројување“ е ненаметливо раскажана потресна семејна драма од современото скопско секојдневие, приказна структурирана во три дела, каде неименуваната нараторка низ постојани флешбекови на внатрешен монолог ја открива својата незавидна положба – заглавена со својот бесправедно љубоморен, параноичен маж со очигледно душевно нарушување.

На прогласувањето минатиот месец Пармаковска и се заблагодари на фондацијата „Славко Јаневски“ што, како што рече, ја спасила оваа награда и ја продолжила 19-годишната традиција на нејзино организирање и доделување. Од 1999 до лани со непрекинат континуитет неа ја доделуваше згаснатиот „Утрински весник“.

– Дополнителна радост за мене е што е именувана по Славко Јаневски, едно од најголемите имиња на нашата литература, што е и дополнителна одговорност кон секој напишан збор, секоја напишана книга, кон секој читател и кон споменот на Славко Јаневски. Му се заблагодарувам и на жирито кое му ја даде довербата на „Одбројување“ да ја носи оваа награда и се надевам дека и читателите во романот ќе го најдат она што го нашло жирито – рече Пармаковска.

„Одбројување“ е трет роман на младата писателка (Скопје, 1985) која дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет и магистрирала на Културолошките студии на Институтот за македонска литература. По неколку објавени раскази, во 2013-та се појави нејзиниот прв роман „Пишувајќи ги изгубените топки“. Наредната 2014-та го објави „Вишнова хроника“ кој влезе во финале за „Роман на годината“ и веќе е преведен на бугарски и на украински јазик. Пармаковска е претставничка на новиот бран помлади македонски писатели и во февруари годинава стана член на Друштвото на писателите на Македонија.

Финалисти на наградата „Роман на годината 2017“ беа и романите „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, издание на „Готен“, и „Диссомнии“ на Игор Станојоски, издание на „Антолог“. 

Фото:Нова Македонија

Слични статии