Култура

„Година на мајмунот“ го отвора Скопје филм фестивал

Вечерва, во киното Милениум, со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде прикажан македонскиот филм „Година на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски, со што ќе биде отворено 21. издание на Скопје филм фестивал. Оваа година ќе бидат прикажани повеќе од 50 филма, работилници, гостувања на нови европски втори и ретроспектива на филмови од Алфред Хичкок. Фестивалот ќе понуди девет македонски филмови од најнова продукција. Освен „Година на мајмунот“ скопската публика ќе може премиерно да ги види и краткометражните филмов: „Мишко“ на Ханис Багашов, „Другиот“ на Баухан Ибрахим и водата„Водата“ на Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов. Тука се и наградените филмови „Последните камбани“ на Никола Поповски и „Види ја ти неа“ од Горан Столевски, потоа „Благословени“ од Милијана Ленак и „Македонскиот Дон Кихот“ на Константин Плевнеш. Премиерно ќе биде рикажан и среднометражниот филм „Кобра“ на Игор Иванов за легендарниот Шабан Трстена. 

Скопје филм фестивал за своето 21. издание ќе донесе  богата програма и содржини во чии рамки ќе понуди повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, како и филмска ретроспектива на Алфред Хичкок.

Филмовите се распоредени во седум програми: Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Фокус на француски филм, Програма на Европски филм, Ретроспектива на Хичкок, а од ова година со гордост ја најавуваме новата фестивалска програма Квир фокус.

До 26 април, публиката на Скопје филм фестивал, во Програмата на авторски филм, чиј селектор е Татјана Јаневска, ќе може да го види „Вина“ на Густав Мулер, кој освои награди на фестивалите во Ротердам и Санденс. Новиот филм на Паоло Тавиани „Виножито, приватна афера“, а го имаме и филмот што освои 5 награди „Цезар“ на Алберт Дупонтел „Ќе се видиме таму“.

Во програмата Панорама на светски филм, најавени се филмовите како норвешкиот „Телма“во режија на Јоаким Трир, мароканска драма „Разиа“, потоа аргентискиот „Самит“ на режисерот Сантијаго Митре.
Годинава, фестивалската публика ќе може да ги види и најдобрите француски филмови во програмата Фокус на францускот филм, чиј што селектор е Навид Сарем а во рамки на програмата на Краток филм селекторите Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров ги избраа најинтересните краткометражни филмови

Во програмата Европски филм, на ова фестивалско издание ќе се прикажат четири филмови, меѓу кои „Pure Hearts“, „Valley of shadows“ и бугарскиот филм „3/4“ на режисерот Илиан Митев, кој победи на фестивалот во Локарно.

Од оваа година, Скопје филм фестивал започнува со реализација на програмата „Квир фокус“ во која ќе бидат прикажани филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело ќе прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот ќе направи обид да отвори теми кои извираат од квир културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. 

Без некоја посебна тематска одредница, со неколку филма ќе се обидеме да отвориме теми како што се: репресираната хомосексуалност, себеугнетувањето и скриеноста, отуѓувањето на квир субјектите и нивните идентитети во дигиталниот простор, угнетувачкиот и исклучувачки карактер на хетеронормативните семејни вредности и религијата, па сѐ до приказ на еден провокативен антиестаблишментски радикален лезбејски феминизам. Селектор на оваа програма е Александар Ковачевски.

Во рамки на годинашново издание на Скопски филмски фестивал во ќе се одржи работилница и промоција, како и разговори со гостите од странство.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов.

Програмите на 21. издание на Скопје филм фестивал, од 19 до 26 април ќе се одржуваат во кино „Милениум“, Кинотека на Македонија и кино „Фросина“. 

Слични статии