Култура

Авичи, најомилениот и најпопуларен диџеј во светот, си замина на 28 години

Смртта на Авичи, еден од најплатените светски диџеи кој помогна електронска денс музика да се популаризира во САД, ги остави фановите, колегите, но и целата Шведска во шок.

„Тој беше една од нашите најголеми музички ѕвезди“, изјави шведскиот премиер Штефан Лофвен.

Авичи беше толку омилен, што дури настапи на венчавката на принцот Карл Филип и принцезата Софија.

Шведскиот ди-џеј Тим Берглинг, попознат по неговото уметничко име Авичи, почина на возраст од 28 години. Тој беше еден од најпопуларните диџеи на денешницата. Бил пронајден мртов во државата Оман на 20 прил во попладневнит часови, соопшти  неговиот портпарол.

 

„Со голема тага ве информираме дека Тим Берглинг починал. Најден е мртов во Мускат, Оман, на 20 април во попладневните часови по локално време. Семејството е многу потресено и ве молиме да ја почитувате нивната потреба за интимност во овие тешки моменти. Нема да даваме повеќе изјави“, наведено е во соопштението.

За смртта нема повеќе детали , а полицијата и медиумите во Оман уште не се огласиле по повод оваа тажна вест. Сепак, во ваков момент не е на одмет да се пренасочиме на животот, а за својот живот Авичи имаше што да каже.

-Беше многу лудо патување. Почнав на 16 години, а на првата турнеја отидов на 18. Од тогаш 100 посто сум посветен. Кога се осврнам на својот живот, помислувам: „Вау, дали јас тоа го направив?“, на некој начин тоа беше најдобриот период, но дојде со цена-многу стрес и анкциозност. Сепак, тоа беше најдоброто патување на мојот живот-рекол Авичи во текот на интервју за магазинот Билборд во 2016-та.

Истата година тој од здравствени причини, прецизно акутен панкреатитис, се повлече од јавната сцена и повеќе не настапуваше. Се верува дека болеста делумно е предизвикана и поради прекумерно конзумирање алкохол, пишува Гардијан и додава дека во 2014-та година на Авичи му биле отстранети жолчната кеса и слепо црево.

Славниот диџеј претходно се бореше со зависноста и два пати е хоспитализиран поради проблеми поврзани со алкохолот. Сепак, во текот на интервју за магазинот  “GQ” изјавил дека никогаш не ја земал дрогата MDMA  или Моли за која се знае дека е популарна меѓу луѓето кои ја сакаат неговата музика.

-Мислам, би сакал да земам, но помалку се плашам од се од што имате чувство дека губите контрола-рекол тогаш, наведува Дејли меил.

За неговиот живот е снимен докоментарец „Авичи: Вистински приказни“, во кој се забележани моменти од 2013-та до 2016 година па и моментот кога лекарите му соопштиле дека ќе мора да му ја извадат жолчната кеса. Сегмент од документарецот познатиот диџеј сподели и на својот Фејсбук профил, каде напишал: „Многу сум возбуден. Исто така малку сум и нервозен бидејќи има и непријатни моменти. Исклучително е лично. Има многу успони и падови. Ќе биде интересно да видиме што ќе кажат луѓето“. 

При таа прилика признал и дека на моменти бил загрижен поради споделувањето на проблеми и борба против стрес, нервоза и болести со светот.

Секако, без сомнение може да се каже дека Авичи бил пионир на современото електронско движење и редок диџеј кој е способен за турнеја низ целата планета. Беше неизоставен дел од диџеј продуцентите како Дејвид Гета, Келвин Харис и Свидип хаус мафијата кои на сцена се пробија секој на свој начин како главни изведувачи, заработувајќи светски хитови, слава , награди, и многу други нешта како ѕвезди од доменот на поп музиката. Се случувало да заработи и 250 000 долари за ноќ кога пуштал музика на распродадени настапи, а еднаш магазинот Форбс го именуваше за најплатен диџеј.

Иако престана да настапува две години, тој во студио продолжи да креира песни со бројни светски популарни музичари како Мадона и групата Колдплеј. Освои две МТВ награди, една Билборд и два пати е именуван за Греми. Веста за неговата смрт стигна само неколку дена откако е номиниран за Билборд награда во категоријата најдобар денс/електронски албум за „Авичи (01)“ кој го објави во август лани.

Лани, Авичи објави изјава на својот сајт во која наведува дека создавањето музика е нешто за кое живее.

„Тоа е нешто за што живеам, за што чувствувам дека сум роден да го правам. Лани престанав со настапи и многу од вас помислија дека тоа е тоа од мене, но тој престанок не значеше крај и за Авичи и мојата музика. Наместо тоа, се вратив на местото каде се имаше смисла-во студио. Следното поглавје ќе биде само за мојата љубов кон тоа да правам музика за вас. Почеток е на нешто ново“, навел тој.

 

Tagged with: