Култура

А каде оди светот, бестрага?

Светот заминува и не остава трага. Живееме во свет без трага. Елон Маск вели дека сериозно го подготвува проектот за создавање услови за изградба на човечка колонија на Марс. Бруталната импликација е дека за да го спасиме човештвото ќе мораме да ги напуштиме светот и планетата Земја. Археолошките сознанија упатуваат на тоа дека во еден момент од онаа ненапишаната историја на човештвото, една мала група луѓе (хомо сапиенси) успеала да ја преживее природната катаклизма. Други поскромни научни сознанија велат дека луѓето кои ги преживеале тие катаклизми не биле повеќе од неколку илјади. На миракулозен начин опстанале и ѝ дале смисла на човековата раса. Во тој свет, нам малку познат, беснееле вулкани и земјотреси, цунамија и поплави, се создавале нови копна и нови мориња. Земјата ја довршувала својата физиономија. Елон Маск вели дека ние мораме да се подготвуваме за следната катаклизма, за крајот на светот. И бидејќи светот ќе станува претесен и невозможен за менаџирање, подобро е да најдаме 3 до 4 илјади волонтери кои ќе отпатуваат на Марс и таму ќе се обидат да остават трага за човештвото. Да опстанат до доаѓањето на подобри времиња. Научниците велат дека постојат технолошки услови кои на тие храбри патници за Марс би им обезбедиле саморепродуцирачки воздух и вода, а со тоа и живот. Единствен проблем е што сѐ уште немаме начин како тие луѓе да ги транспортираме до Црвената Планета бидејќи патот е навистина долг, а ноќта е темна и полна со ужаси.

ВО ПОСЛЕДНО ВРЕМЕ СÈ ПОВЕЌЕ ПРОМИСЛУВАЧИ НА СВЕТОТ ОПРАВДАНО СЕ ПРАШУВААТ ЗОШТО ОПШТЕСТВЕНИОТ СИСТЕМ ВО КОЈ ЖИВЕЕМЕ (ГРУБО И ВО ОСНОВА НЕТОЧНО НАРЕЧЕН НЕОЛИБЕРАЛИЗАМ), КАКО ЕДЕН ВИД ПОДЛОГА ЗА ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА, Е ТОЛКУ СТАБИЛЕН И ОТПОРЕН НА НАДВОРЕШНИ ИЛИ НА ВНАТРЕШНИ ВЛИЈАНИЈА. ЗОШТО, И ПОКРАЈ НЕВЕРОЈАТНИОТ ЈАЗ МЕЃУ БОГАТИТЕ И СИРОМАШНИТЕ, РЕВОЛУЦИЈАТА НЕ Е ПОВЕЌЕ ВОЗМОЖНА ИЛИ ТАА СЕ СВЕДУВА САМО НА КАПИЛАРНИ ФОРМИ ОД ЕФЕМЕРНО ЗНАЧЕЊЕ ЗА САМИОТ СИСТЕМ

 На овој свет, пак, нам добро познат, работите се движат со огромна брзина. Триењето и искрите што ги произведува таквата брзина восхитуваат и плашат истовремено. Овој свет, нам добро познат, се претвора во еден куп искршени парчиња од нашето огледало. Некако полека, но сигурно почнуваме тоа да го осознаваме бидејќи овој свет е од нас создаден, наше дете е. 

Видни бивши директори на Гугл и на Фејсбук ги крстарат светските конференции како некакви апостоли, сведоци на претстојниот потоп. Се извинуваат и се покајуваат пред милионите следбеници за добрите намери со кои го поплочиле патот до пеколот. „Создадовме нешто што изгледаше многу добро, а сега не знаеме што да правиме со тоа и каде тоа ќе нѐ одведе. Извинете, ве молиме простете ни!“ – приближно вака оди оваа антитехнолошка мантра искажана од устите на бившите технолошки месии, а денешни босоноги монаси. Некритичниот технолошки прогрес води кон регрес, кон анихилација – велат 15 илјади врвни светски научници кои неодамна потпишаа петиција за спас на светот. 
Чекајте, а што да правиме сега ние, обичните смртници, консументи на вашиот месијанизам? Та ние сме вплеткани во вашата пајажина и не познаваме начин како да излеземе од неа.
Хистеричниот оптимизам е грев кон знаењето – велеше еден мислител. Друг мислечки џин пак уште пред два века нѐ предупреди: Современиот човек е само едно џуџе кое стои на рамената на џин! Да, џуџето е повисоко и гледа подалеку, но само затоа што стои на „рамената“ на напластеното искуство, знаење, мудрост и здравиот разум на нашите претходници. 

Трет прашува: А Хирошима не беше ли доволна или морничавата поука од Хирошима денес се сведува на тоа дека едниот имал копче на својата работна маса, а другиот имал исто такво, ама многу поголемо копче на својата работна маса?

А да имаме малку „револуција“?
Во последно време сѐ повеќе промислувачи на светот оправдано се прашуваат зошто општествениот систем во кој живееме (грубо и во основа неточно наречен неолиберализам), како еден вид подлога за глобализацијата, е толку стабилен и отпорен на надворешни или на внатрешни влијанија. Зошто, и покрај неверојатниот јаз меѓу богатите и сиромашните, револуцијата не е повеќе возможна или таа се сведува само на капиларни форми од ефемерно значење за самиот систем?
Во основа, идеалниот систем на владеење би бил оној кој на ефикасен начин би успеал да го елиминира отпорот во форма и интензитет кои би можеле да го компромитираат самиот систем. Така индустрискиот капитализам јасно ги одредува „непријателите“ на системот во ликот на работничката класа. Со цел да биде експлоатирана оваа класа, системот поставува во суштина репресивни методи. Но, репресијата имплицира протест, отпор и, во крајна инстанца, револуција. Во ваков јасно поделен систем „непријателот“ е видлив и присутен, но и неопходен за да може да се репродуцира самиот систем, т. е. профитот.

За критичарите на капитализмот, и оние од десно и оние од лево, неолиберализмот како „надграден и проширен“ капитализам има особено жилава природа. Неолиберализмот го интериоризира конфликтот, го заматува непријателот и го прави несвесен дел од самиот систем, на тој начин легитимирајќи го него. Неолиберализмот, за разлика од капитализмот во сите негови претходни фази, има заведувачка моќ. Структурите на моќта во неолибералниот систем на „доминација“ се сосема различни. Освен големите корпорации, кои фигурираат како центри на моќ, но не се избрани од граѓаните, неолибералните влади номинално овозможуваат широка лепеза на слободи и права на граѓаните.
Слободата на изразување, на искажување став, на критика кон секој оној кој сме наумиле да го критикуваме е слобода која нѐ прави зависни и од себе и од сите останати. Социјалните мрежи, постојаното (само)изложување на приватниот живот и на приватните податоци (преку фотографии, Фејсбук, Линкдин, секојдневно пополнување на илјадници формулари, онлајн петиции итн.) прави од нас доброволни раздавачи на приватниот живот во јавната сфера и воедно нѐ прави соучесници во системот на надзор.

ЕДНОСТАВНО, ВНАТРЕСИСТЕМСКИТЕ РЕВОЛУЦИИ (ПА ТАКА И „ШАРЕНАТА“) НЕ СЕ РЕВОЛУЦИИ ВО СМИСЛА НА БАРАЊА ЗА КОРЕНИТИ ПРОМЕНИ ВО СИСТЕМОТ. ТАА БЕШЕ КРИК НА НЕЗАДОВОЛСТВО ОД ОДРЕДЕНИ (ДА, КАТАСТРОФАЛНИ!) ПОЛИТИКИ ВО РАМКИТЕ НА САМИОТ СИСТЕМ. И ТАА НЕ ПОНУДИ ДИСКОНТИНУИТЕТ ВО СМИСЛА НА РАДИКАЛЕН ПРЕКИН НА ОДНОСИТЕ ВО ОПШТЕСТВОТО И НОВО ДЕФИНИРАЊЕ НА МОРАЛНИОТ И ПОЛИТИЧКИОТ ПОРЕДОК

Дури и во самата структура на економијата и потрагата по профит, довчерашниот репресиран работник се преобразува во слободен претприемач или „сам свој газда“, истовремено роб и владетел. Она што некогаш се нарекуваше „класна борба“ станува внатрешна борба на секој со самиот себе во рамките на системот.
Моќта и доминацијата која го одржува системот денес добива една нова форма на “smart power”, но не во контекст на теориите на меѓународните односи, туку повеќе во смисла дека моќта станува “прифатлива“ за индивидуата. Така, современиот човек оваа моќ во најдобар случај ја третира како “пријателска“, а во најлош случај како неминовност која е дел од секој од нас и која произлегува од секој од нас. 

Примерите не можат да се добројат. Кризата на „азиските тигри“, економските колапси во Јужна Америка, движењата “occupy”, “blockupy”, “We are the 99%” и последната економска и финансиска криза не го променија на револуционерен начин системот. Дури и таму кадешто имаше такви најави (Сириза во Грција на пример), на крајот заврши со повторна инкорпорација на неолибералните премиси, со извесни козметички модалитети.

Веќе станува општо место дека глобализацијата не беше наменета за сите, дека таа сепак беше наменета за богатите, и тоа не општо за богатите држави, туку конкретно за богатите во богатите држави и за богатите во сиромашните држави. Точно е дека општиот стандард во светот е подигнат, но тој е подигнат во апсолутни бројки, додека во релативни бројки јазот е зголемен. Продлабочувањето на јазот се случува на две нивоа: едното светско кое перзистира од порано (синтагмата богат Север и сиромашен Југ), а второто е интранационално (победници и губитници од глобализацијата). Губитниците се повеќе на број, но тие не го поседуваат соодветното „оружје“. Неолиберализмот им го одзема последното оружје за преврат: имено, револуцијата во вистинска смисла на зборот. Неолиберализмот ги инкорпорираше, ги направи погон на системот од кој нема бегање. Затоа и „револуциите“, вклучително и „Шарената“, редовно одат во наводници. Бидејќи некако не ни личат на старите револуции, поседуваат млакост и нејасни принципи и идеали. Конечно, не го менуваат системот, туку се вткаени во него. По таквите „револуции“ неминовно се појавуваат и „отпадниците“ од револуциите, разочараните и навредените кои сепак се враќаат назад во системот, макар преку нивната обновена и радикална апатија. На повикот за следната револуција, веројатно ќе останат дома.

Ако е за утеха, приврзаниците на „Шарената револуција“ не треба да се нервираат и да ги колнат постреволуционерните горчливи плодови. Тие плодови се секојпат однапред најавени во самата структура на општеството и во ликот, делото и историјата на корифеите на секоја револуција, па така и на „нашава“. Но, тоа не ја намалува важноста на крикот против лошите политики и против создавањето опасни поделби во општеството. Но, исто така, не ја намалува ни болката од плускавците на нозете од излижаните чевли. Едноставно, внатресистемските револуции (па така и „Шарената“) не се револуции во смисла на барања за коренити промени во системот. Таа беше крик на незадоволство од одредени (да, катастрофални!) политики во рамките на самиот систем. И таа не понуди дисконтинуитет во смисла на радикален прекин на односите во општеството и ново дефинирање на моралниот и политичкиот поредок. Во Република Македонија безмалку ниеден општествен авторитет не повикува на промена на политичкиот поредок (друг тип поделба на власта, промена на номинално поставените либерално-демократски постулати, нови институции, нов економски модел надвор од неолибералниот капитализам), додека моралниот поредок е најпргавата константа во едно општество на која најчесто ѝ требаат генерации за да се редефинира. А да не зборуваме дека понекогаш постреволуциoнерните афтер шокови се пострашни и од самата револуција.

НО, АКО СВЕТОТ ВЕЌЕ РЕШИЛ ДА ПРОПАЃА, ЧИНАМ ДЕКА БАРЕМ МОЖЕМЕ ДА ГО ОДЛОЖИМЕ НЕГОВОТО ПРОПАЃАЊЕ, А АКО СМЕ УМНИ И ДА ГО ЗАПРЕМЕ. ЗА ТАКВАТА ТИВКА, АМА КОРЕНИТА РЕВОЛУЦИЈА МИ СЕ ЧИНИ ДЕКА ВРЕДИ ДА СЕ БОРИМЕ. ЗА ДА ОСТАВИМЕ ТРАГА, ЗА ДА НЕ ОТИДЕ СВЕТОТ БЕСТРАГА

Па, тогаш, што ни преостанува нам, безначајните луѓе кои ја споделуваме сопствената безначајност со останатите жители на планетата Земја? Има ли „иљач“ за ваквата поставеност на светот? Можно ли е светот, државата, градот, нашето маало, нашето семејство да станат попристојно место за живеење? Многумина би рекле НЕ. Па каде оди светот, бестрага?
Но, ако светот веќе решил дањ пропаѓа, чинам дека барем можеме да го одложиме неговото пропаѓање, а ако сме умни и да го запреме. За таквата тивка, ама коренита револуција ми се чини дека вреди да се бориме. За да оставиме трага, за да не отиде светот бестрага.

Автор:Гордан Георгиев – политиколог

Преземено од Економија и бизнис

Автор:

Слични статии