Култура

Прво авторско ЦД на композиторката Јана Андреевска

Во издание на Сојузот на композиторите на Македонија и Музичко-издавачкиот центар од Скопје, излезе  компакт дискот  на Јана Андреевска со наслов “„…Сокол ли сум, бура или бескрајна песна?…am I a falcon, a storm or an unending song?” Ова ЦД претставува прво авторско издание на Андреевска и содржи избор композиции од нејзиниот камерен опус во последните триесет години.  ЦД-то ги содржи композициите Варијации (1987), Scattered Blues (2000) и Етида за препарирано пијано (2000), „….Сокол ли сум, бура, или бескрајна песна“ за квартет саксофони (2006), Изборни афинитети за камерен ансамбл (2004), Крај езеро за мешан хор (2002/2010), Болно лежи малој моме за мешан хор (2014), 2.2.4 to 4.4.2 за четирирачно пијано (2014) и Мандала за осум инструменти (2015). На албумот се застапени некои од најуспешните изведби на делата на Андреевска на домашните и странски концертни подиуми низ годините, од страна на реномирани македонски и странски изведувачи и ансамбли, меѓу кои пијанистите Ана Гацева, Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „Контемпора“, хоровите „Про Арс“ и Новиот Лондонски камерен хор, квартетот саксофони „Саксофон квадрат Берлин“, а во едно од делата, Варијациите за пијано, како изведувач се јавува и самата авторка. ЦД-то содржи и исцрпен текст од музикологот Марко Коловски за делата, инспирациите за нив и начините на кои тие меѓусебно се поврзани низ времето. 

„…Сокол ли сум, бура или бескрајна песна?“ ја раскажува приказната за еволуцијата на композиторскиот јазик, приказна за фасцинацијата со бескрајните можности на варијацијата и економичноста на израсните средства, на инспирацијата извлечена од тишината, литературата и музичка историја во музиката на првата македонска композиторка, Јана Андреевска“.  пишува меѓу друото  Марко Коловски.

Избраните дела застапени на ЦД-то во една кондензирана форма го прикажуваат развојот на композиторскиот јазик на Јана Андреевска во изминатите триесет години творештво, како и заедничките нитки кои го проткајуваат. Најпрвин јасно пројавениот интерес кон елементите на џезот, најизразен во првите две композиции од овој избор, понатаму ја добива својата позатскриена манифестација во следните дела во кои постапката на непрестајно варирање и позајмување музички материјал ја води Андреевска до нови инспирации. Тишината и нејзиното исклучително значење во музички контекст е едно од нив и меѓу останатото води до, за оваа композиторка својствената, неексплицитност во евоцирањето на други музички светови, особено оние на познатото западноевропско музичко минато, а сето тоа во спрега со литературните инспирации од делата на Ј. В. Гете и Р. М. Рилке, Цане Андреевски и македонската народна лирика дава како резултат дела кои пленат истовремено со својата едноставност и експресивност, инвенција и економичност на композиторскиот јазик.

Јана Андреевска е првата македонска жена-композитор и една од меѓународно најизведуваните автори од Македонија. Дипломирала и магистрирала композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Томислав Зографски. Компакт дискот, е посветен на нејзините професори, Стела Слејанска, Томислав Зоографски и Илија Пејовски и содржи избор композиции од нејзиниот камерен опус во последните три декади. Нејзиното образование како композитор вклучува и многубројни семинари во Холандија, Полска, САД и Македонија, кај познати светски композитори и предавачи. Андреевска денес работи како редовен професор на Одделот за музичка теорија и композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во својата досегашна кариера одржала бројни предавања и семинари на реномирани универзитети во САД, Словенија, Велика Британија, Белгија и Турција, како и во Македонија. Од 2008 година е уметнички директор на фестивалот „Денови на македонска музика“.

Делата на Андреевска се изведувани на домашните и странските подиуми ширум Европа од страна на Македонската филхармонија, Камерниот оркестар на МРТ, Ансамблите „Алеа“,„КонТемпора“,„Ателас Синфониета – Копенхаген „Московскиот ансамбл за современа музика, „Хоризонте“, „Артворк“; квартетите саксофони „Аксон“, „Саксофонквадрат Берлин“, „4 Саксес“, „Алијаж“; хоровите Collegium Musicum, Новиот Лондонски камерен хор, женскиот хор Калиопе – Франција, камерниот хор „Про Арс; Квартетот Антарја, пијанистите Марсел Вормс, Ана Гацева, Марија Вршкова, Наталија Младеновиќ, Родерик Чедвик, Хајди Елзесер, Жан-Лук Фафшан, Жан-Филип Колар-Невен и Штефан Шлаермахер и многу други.

Делата на Јана Андреевска се објавени на повеќе изданија на СОКОМ, Dresdner Tage derzeitgenössischen Musik, Peer Music, Zefir Records. Изданието финансиски е поддржано од Министерството за култура на Република Македонија.

Слични статии