Култура

Црногорскиот симфониски оркестар гостува во Скопје

Во големата сала на Македонската филхармонија, задутре (3 декември) во 20 часот, ќе гостува реномираниот Црногорски симфониски оркестар, под диригентската палка на русинот Григориј Краско, кој зад себе има изградено импресивна кариера.

Григориј Краско бил концертмајстор во оркестарот на славниот Бољшој театар, потоа станува концертмајстор на Московската филхармонија и водач на камерниот оркестар „Московски филхармоничари“. Како диригент и солист на овие ансамбли настапувал на престижни сцени во светот.

Од 1993 до 1999 година, бил првиот виолинист и менаџер на квартетот „Солисти на Московската филхармонија“, со кој настапувал во Русија и во европските земји. Соработувал со најзначајните диригенти и со многу истакнати солисти. Од 2000 до 2008 година бил професор по виолина на академијата „Гнесина“ во Москва, а потоа заминал во Црна Гора каде што во 2008 станал концертмајстор на Црногорскиот симфониски оркестар и водач на ансамблот „Црногорски гудачи“.

Пред македонската публика, оркестарот ќе ја изведе импресивната свита „Слики од изложбата“ од Модест Петрович Мусоргски, како и „Танци од Галанта“ од Золтан Кодај.

Солист на концертот е истакнатиот гитарист Горан Кривокапиќ кој ќе го изведе популарниот Концерт за гитара и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго.

Црногорскиот симфониски оркестар прв пат настапил на 14 декември во 2007 година во Цетиње и набргу станал важна алка на музичкиот живот во Црна Гора. На повеќе од 200 концерти во светот (Италија, БиХ, Србија, Хрватска, Русија, Турција, Албанија, Франција) со него, меѓу другите, настапиле видни солистички имиња, како што се: Монсерат Кабалие, Миша Мајски, Иво Погорелиќ, Иља Гринголц, Роман Симовиц, Милош Карадаглиќ, Симон Трпчески, Стефан Миленковиќ…

Слични статии