Култура

Стартува 16-то издание на „Синедејс“ – фестивал на европски филм

Шведската сатирична комедија „Квадратот“, добитник на „Златната палма“ во Кан годинава, ќе го отвори 16. Фестивал на европски филм „Синедејс“ вечерва во киното „Милениум“. На Фестивалот кој ќе трае до 19 ноември ќе бидат прикажани 135 филмови во неколку категории. Покрај 20-те наслови од гала-програмата, која има звучни режисерски имиња и остварувања наградени на престижните фестивали и кои се најпосетени на „Синедејс“, фестивалот ќе има и вкупно 14 филмови во двете натпреварувачки програми – Официјална и СинеБалкан, потоа музички документарци, шведски филмови од програмата „Земја во фокусот“, МК кратки и студентски филмови, а во придружната програма ќе се одржат седум концерти и четири работилници.

Гала програмата и оваа година изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам… Од вкупно 20 филмови во гала програмата, љубителите на европскиот филм ќе можат да ги погледнат “Среќен крај” на Мајкл Ханеке, “Од никаде” на Фатих Акин, “24 кадри” од Абас Киаростами (воедно и неговиот последен филм), “Убиството на светиот елен” од Јоргос Лантимос, “Двојниот љубовник” на Франсоа Озон и “Мојот Годар” на Мајкл Хазанавициус кои се дел и од специјалната програма “Француски прозорец кон светот” во соработка со Францускиот културен центар во Скопје, “Мајка” на Дарен Аронофски, “Субурбикон” на Џорџ Клуни, “Другата страна на надежта” од Аки Каурисмаки, документарниот филм “Гледај и чуди сe: Соништа за поврзан свет” од Вернер Херцог, и многу други наслови кои буквално ги ‘собраа’ сите европски и светски филмски награди.
На ова издание Фестивалот го издвојува филмот “Пченица” на култниот турски режисер Семи Капланоглу, филм кој премиерно ќе биде прикажана режисерот ќе биде и почесен гостин на фестивалот, кој е и претседател на жирито во Официјалната селекција.

Фестивалот ќе заврши на 19 ноември со македонската премиера на играниот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски и со соопштување на наградите од натпреварувачките програми (и годинава селектирани од Бернд Будер). Од наредниот ден, 20 ноември, фестивалот ќе продолжи со десетдневен филмски маратон во Џебното кино на МКЦ со проекции во десет различни тематски целини. Организаторите најавија дека речиси од сите натпреварувачки филмови ќе има гости од филмските екипи, кои по проекциите ќе разговараат со публиката. Меѓу нив ќе биде и Семих Капланоглу – добитник на Златна мечка во 2010 во Берлин. Тој е и претседател на жирито за филмовите од официјалната конкуренција, а на „Синедејс“ премиерно во гала-програмата ќе биде прикажан неговиот последен филм  „Пченица“. Меѓу гостите од придружната програма ја издвоија светски познатата кастинг-агентка Ненси Бишоп од работилницата за скрининг-техники на снимање аудиции и филмови.

И оваа година ќе има фонд за награди од по 300.000 денари за најдобриот филм во Официјалната селекција и во СинеБалкан, а ќе се доделуваат и награди за најдобра филмска критика за филмовите што се прикажуваат на фестивалот.

Слични статии