Култура

Скопје џез фестивал повторно го разубави Скопје со квалитетниот избор на музичари од светската сцена

Помина уште едно одлично издание на Скопје џез фестивал. На 36-то по ред издание на овој реномиран фестивал, Скопје овој октомври беше домаќин на некои од моментално најактуелните и најквалитетните музичари од светската џез сцена.

Содржините во текот на четирите фестивалски денови варираа доволно за да понудат по нешто за сечиј специфичен музички вкус – од лежерни и помали состави, па сè до урнебесни експериментални оркестри, а имаше и неколку енергични полноќни концерти кои ја држеа публиката на нозе и разиграна. Во секој случај, како и до сега, вредеше да им се даде шанса на сите артисти од годинешниот лајн–ап, па и на оние кои на прва ги доживуваме како „Not my cup of tea“, бидејќи се работи за несомнено квалитетни музичари кои по правило позитивно ќе ве изненадат кога ќе ги чуете и во живо на сцената.

Некои од музичарите за прв пат се претставија пред македонската публика, а имаше и такви кои веќе гостувале на изминатите изданија на Скопскиот џез фестивал, но со различни проекти и во друг состав.

Првата фестивалска вечер ја отворија Давид Хелбок трио. Австрискиот пијанист и композитор Давид Хелбок повеќето од композициите на својот најнов албум ги конципира околу митолошки приказни, кои ги преведува на музички јазик со мистични тонови на пијано, придружени од бас-укулеле и тапани. Лесните мелодии на композициите „The soul“ и „Spiritual monk“ ќе ви се вовлечат во сеќавање и по крајот на концертот.

Исклучително талентираната вокалистка од Чикаго, Ди Алегзандер пак, ја преполни салата во МОБ и дефинитивно предизвика пријатни морници кај публиката со неверојатниот распон на својот глас– инструмент самиот по себе. Во нејзина изведба и класиците како „Nature boy“ и „Round Midnight“ звучеа сосем свежо и како компонирани токму за неа.

Ова издание на СЏФ ни донесе и едно интересно трио од Австрија, кое во последно време наидува на одличен прием кај публиката на џез фестивалите низ светот, а звучи навистина симпатично со својот свеж и инвентивен младешки пристап кон креирањето музика. Триото Mario Rom’s Interzone доби бројни овации од публиката по своето виртуозно свирење со трубата, басот и тапаните на сцената. Басистот Лукас Кранцелбиндер истакна дека Скопскиот џез фестивал важи за доста реномиран во музичарските кругови низ светот и дека во Македонија добиле навистина добар прием од фестивалскиот тим, што според него би требало да се постави како стандард за сите џез фестивали.

Но, она што го направи ова издание на фестивалот за паметење, дефинитивно беа полноќните концерти кои донесоа неверојатна енергија во денсинг салата на МКЦ и многу потсетија на танцувачката атмосфера карактеристична за вечерите со африканска музика на Оф фест.

Орландо Џулиус, кралот на афро-поп музиката во комбинација со феноменалните Хелиоцентрикс од Лондон, приредија вистинска постполноќна журка. Саксофонистот од Нигерија во овој свој музички проект се наврати на изворните мелодии од неговата родна земја, а што се однесува до Хелиоцентрикс, во комбинација со нив едноставно нема утка. Тие го носат афро звукот во нова димензија со своите прогресивни и психоделични аранжмани. Нивните соработки со Мулату Астатке и Лојд Милер се само потврда за тоа (Проверете ја Anglo-ethio suite на Мулату Астатке и Хелиоцентрикс). Хелиоцентрикс освен што функционираат одлично во комбинација со афро и етно звуци и самите имаат неколку добри албуми – колку за илустрација, преслушајте ја песната Collateral Damage.

На вториот полноќен концерт во МКЦ настапи музичарот и писател Ентони Џозеф, кој со својот шарм, енергичност и жар со кој ги отпеа темите за своите карипски корени ја крена атмосферата во денсинг салата и ја одржа до раните утрински часови. Џозеф го отпочна концертот со The Kora, една од најдобрите песни од својот најнов албум Caribbean roots, од кој изведе неколку песни со општествено ангажирана тематика. Квалитетната комбинација од карипски мелодии, енергични ритми на тапани и солажи на саксофон дефинитивно звучеше одлично во живо.

Вистински бисер на ова издание на СЏФ беше квартетот на пијанистот Крег Тејборн. Тејборн во својата кариера доста експериментирал со стиловите и соработувал со многу музичари, а на последниот албум кој го претстави пред публиката во МОБ насловен како „Daylight ghosts“ во издание на ECM, го здружи својот талент со музичарите Крис Спид, Крис Лајткеп и Дејв Кинг. Нивниот концерт беше едно одлично, неовоземно музичко патување, во кое дојде до израз виртуозноста на сите членови на квартетот поединечно. Крег Тејборн на неколку наврати воведе и малку електроника покрај претежно акустичниот дел, која не воопшто не звучеше непосакувано и вештачки, туку баш напротив – придонесе кон мистичниот музички амбиент кој квартетот го создаде. Хајлајт изведба: нумерата Daylight ghosts од истоимениот албум.Толку е добра што едноставно не сакате да заврши.

Американскиот џез звук, пак, годинава беше претставен од саксофонистот Стив Колман со неговите „Фајв елементс“, а неговиот настап го проследи концертот на музичарот чие име на многумина им беше познато од неговите соработки со ѕвезди како Том Вејтс, Дијана Крол, Дејвид Силвијан, Black Keys, и Lounge Lizards – Мaрк Рибо. Гитаристот со долгогодишна и богата кариера зад себе, овој пат настапи заедно со голем состав на сцена, под името The Young Philadelphians + Strings. Звукот на оваа комбинација беше можеби повеќе рок отколку џез, а неретко и со кавери на поп нумери вклопени ваму и таму, како песната „Fly, Robin fly“ од осумдесеттите.

Првата и последната вечер на фестивалот беа во знакот на нордиските оркестри. Трондхајм џез оркестра & Оле Мортен Ваган со својот експериментален звук и бескрајни енергични импровизации и Пал Нилсен Лав – Ларџ Јунит, го донесоа најактуелниот нордиски џез звук на сцената. Пал Нилсен Лав, виртуозниот тапанар од Норвешка заедно со својот ансамбл музичари од Шведска, Данска и Финска, имаше доста интензивен настап на крајот на фестивалот. Нa сцената имаше дури два сета тапани, две бас гитари, хармоника, електрична гитара, електроника и се разбира, комбинација од повеќе дувачки инструменти кои ја исполнија навидум невозможната мисија – меѓусебно да се координираат, како и да си остават простор за поединечна импровизација и притоа да не звучат пренапорно! Дури и ако сте љубител на посмирен џез, нордијците едноставно ќе ве повлечат и ќе ве извозат на несоприливиот бран од интензивни а сепак убаво избалансирани звуци со невидена енергија и ентузијазам.

Сè на сè, ова беше уште едно солидно издание на Скопје џез фестивал, кој редовно го разубавува октомври и ѝ дава посебен шмек на есента во Скопје, носејќи ни квалитетни џез вибрации од сите ќошиња на светот. Останува да видиме кои имиња ќе ни ги донесе Оф фест напролет.

Фотографии: Татјана Ранташа

Автор:Јана Колева

Автор:

Слични статии