Култура

Изложба по повод 100 години од раѓањето на Борко Лазески

На 22 октомври се навршуваат 100 години од раѓањето на македонскиот ликовен уметник Борко Лазески (22 октомври 1917, Прилеп – 16 јуни 1993, Скопје), еден од основоположниците на македонската ликовна култура. 

Значаен и многу важен момент во животот на Борко Лазески е контактот што го воспоставил со учителот Велебит Рендиќ. Овој учител, уште во текот на основното образование му ја открива дарбата за сликање, а воедно и го подготвува за прием во Уметничката школа во Белград.  Но, со почетокот на војната, Лазески ги прекинува започнатите студии во Белград и го продолжува школувањето во Бугарија, на Државната уметничка академија во Софија, во класата на професорот Никола Танушев-Ганев, кој е типичен претставник на академските реалисти. Оваа академија нема никакво влијание врз изградбата на Лазески како уметник, така што не остава никакви траги на неговиот развој. Во 1943 година Лазески дипломира на споменатата академија, а потоа се враќа во својата земја и се приклучува кон ослободителното движење.

Со конечното ослободување на земјата, желбите на Лазески почнуваат да се изразуваат во просторот на слободната креативност, но овој простор за уметникот е претесен, па во 1945 година стигнува во метрополата на светските уметнички настани – Париз, како стипендист на француската влада. Во почетокот на 1945 година се запишува на Високата национална школа за ликовна уметност (École Nationale Supérieure des Beaux-Arts), во ателјето за фрескосликарство на Дикос де ла Ај (Dukos de la Haille). Престојот во Париз го продолжува во познатото ателје на Андре Лот создава значајен циклус на дела. Еден дел од делата кои Лазески ги изработува во ателјето на Андре Лот се изложени на изложбата “Седум сликари и вајари од шпанската фондација” во Париз 1948 год. Сепак истите не може да ги прикаже ни повеќе години по неговото враќање во татковината, зашто по ослободувањето, единствена насока што се поддржува во Македонија е социјалистичкиот реализам. Другиот вид на уметност се третира како граѓанска уметност. 

Покрај фреските и муралите, во земјата, Борко Лазески ја имаше ретката можност да биде поканет да изработи два мурали во Мексико сити, центарот на светскиот мурализам. Тој е автор на големата фреска (225м) во старата железничка станица, подоцна обновена во неговиот роден град Прилеп.

Вредните фрески на Лазески, што беа поставени во Македонска пошта, изгореа во пожарот што го зафати објектот во 2013 година. Уништени се пет големи кубистички фрески со мотиви од Народноослободителната борба во Македонија, создадени во 1981 година. Големиот мурал беше направен во акрил техника. Фреските на Лазески на површина поголема од 200 квадратни метри, беа поставени на ѕидовите на главната сала во поштата.

Како педагог, Борко Лазески целиот живот несебично им го пренесувал знаењето на своите студенти од што произлезе учебникот „Ликовна култура“, со кој се образуваа генерации на ликовни уметници. По повод овој значајен јубилеј, на 24 октомври, во 19 часот, во ателјето на авторот, на ул. „Отон Жупанчич“ 15, во Скопје, ќе бидат изложени негови дела од колекцијата на семејството.

 

Автор:

Слични статии