Култура

Музејот на современа уметност во Белград отворен по 10 години

Музејот на современа уметност во Белград (МСУБ), на денот кога одбележува 52 години од своето постоење е повторно отворен, по десет години пауза, заради реконструкцијата која повеќепати започнуваше и се одложуваше. До 27 октомври, музејот ќе работи 24 часа, а посетителите бесплатно ќе можат да ја посетат реконструираната зграда на Музејот и изложбата „Секвенци. Уметноста на Југославија и Србија од збирката на МСУ“. 

Музејот беше отворен без посебна церемонија, голем број граѓани, утрото на 20 октомври, неколку часа чекаа пред вратите да го видат обновениот музеј. На вратата ги пречекуваше дирекоторот Слободан Накарада со зборовите: „Дами и господа, повелете!“ 

Покрај уметниците, претставниците на различни институции и културни работници, меѓу првите посетители беше премиерката на Србија, Ана Брнабиќ. 
На отварањето на Музејот на современа уметност во Белград, како настан од регионално значење, присуствуваа и министерот за култура на РМ, Роберт Алаѓозовски, заедно со претставници од МСУ во Скопје. Од Албанија пристигна министерката за култура, Мирела Кумбаро. 

Програмата на отворањето започна со перформанс на Балетот Дрезден Франкфурт, во кореографија на Јакопо Годани.

Изложбата на отворањето на музејот, подготвена од Дејан Сретеновиќ, се состои од 300 дела кои го обележиле периодот од почетокот на 20. век до денес.

Зградата на Музејот е дело на архитектите Иван Антиќ и Иванка Распоповиќ и е изградена во периодот меѓу 1960 и 1965 година. Првата фаза од нејзнината реконструкција започна во 2007 година и оттогаш музејот беше затворен за посетитители. Последната фаза на реконструкцијата започна во 2015 година и чинеше околу 5, 6 милиони евра. 

Колекцијата на Музејот на современа уметност почнала да се формира уште од 1958 година, а денес брои околу 8000 дела.

Преземено од Окно

Автор:

Слични статии