Култура

Спор за слика на Писаро продолжува по 16 години

Сојузниот апелациски суд во Сан Франциско ја оживеа парницата стара 16 години, во врска со враќање на една слика на Камиј Писаро, која нацистите ја стекнале незаконски, а која сега виси во музејот „Тисен-Борнемиса“ во Мадрид.

Оригиналната сопственичка на сликата наречена „Улицата Сен Оноре попладне, по дождот“ на Камиј Писаро, од 1897 година, е германската Еврејка Лили Касирер. Таа ѝ го продала делото на германската влада во 1939 година за приближно 360 долари, во замена за излезна виза за себе и за сопругот.

Тврдејќи дека станува збор за принудна продажба, нејзините наследници во 2001 година побараа од музејот „Тисен-Борнемиса“ делото да им биде вратено. Барањето било отфрлено, па внукот и правнуците на Лили Касирер го тужеле шпанскиот музеј во 2005 година.

Во јуни 2015 година Основниот суд ја отфрлил тужбата и пресудил дека, според шпанските закони, музејот е сопственик на сликата. Меѓутоа, Деветтиот окружен апелациски суд во Сан Франциско вчера одлучил дека, иако во случајот се применува шпанскиот закон, неопходно е да се одржи судење.

Баронот ја купил сликата во 1976 година од њујоршката галерија „Стивен Хан“ за својата колекција вредна 338 милиони долари, која во тоа време била втора најголема приватна колекција, по Кралската збирка во Лондон. Ја однел во Швајцарија, каде што останала до 1992 година.

За разлика од американските закони, швајцарските велат дека сопствеништвото на украдено дело е дозволено ако купувачот имал добра намера и не знаел дека делото е украдено. Меѓутоа, Апелацискиот суд забележал дека трансакцијата со добра намера немало да се случи доколку купувачот ги истражел околностите, што, со оглед на ситуацијата и времето, било неопходно.

Наследниците на Касирер тврдат дека имало причини за да се сомнева во потеклото на делото. Еден од примерите е тоа што баронот платил за сликата 275.000 долари, што, според стручњаците, е околу половина од очекуваната цена за тоа време.

– Заклучивме дека прашањето за бароновата добра волја е факт што би требало да се провери на суд, бидејќи шпанскиот музеј не докажал по законски пат дека немал сознанија дека сликата на Писаро е украдена – пишува во извештајот американскиот Апелациски суд.

Се проценува дека делото денес вреди меѓу 30 и 40 милиони долари.

Адвокатот на музејот вели дека е сигурен оти уште еднаш ќе се докаже нивното сопствеништво на сликата. Всушност ниедна страна не оспорува дека делото преминало во рацете на нацистите со принудна продажба или дека е продадено под сомнителни околности за нереално ниска цена. Но шпанскиот музеј тврди дека нема никаква врска со тоа, односно дека, според швајцарските и според шпанските закони, сликата им припаѓа ним.

– Ова не е случај во кој страните спорат дали делото е украдено или не – вели Николас О’Донел, адвокат и стручњак заслучаи на уметнички дела украдени од нацистите.

Автор:

Слични статии