Од кои проекти се крати, а кои остануваат негибнати со ребалансираниот Буџет
— 30 јули, 2017Економскиот раст ќе забави – Владата на пратениците им го достави предлог – ребаланс на Буџетот за годинава. Намалени се проекциите за буџетски приходи, но намалени се и трошењата. Се посегна по трошоците за стоки, услуги, нереализирани набавки, возила, мебел. Причината за овие корекции заедно со стопениот оптимизам за раст на економијата, според креаторот на политиките, е политичката криза.
Проекцијата за економскиот раст во 2017 година е ревидирана на 2,2%, споредено со првичната проекција од 3,0%, што главно ги одразува ефектите од пролонгирањето на домашната политичка криза врз економијата, во најголем дел како резултат на воздржаноста на приватниот сектор од поголеми инвестициски зафати во изминатите месеци – се наведува во ребалансираниот буџет.
Дел од проектите што веќе се започнати продолжуваат, но според анaлизата што ја направи Portalb.mk, сепак, кај дел има одредени кратења. Еве од кои потпрограми на министерствата и на агенциите се кратат или сe додаваат пари.
ЌЕ ИМА ПАРИ ЗА СКЕНДЕРБЕГ, БОЛНИЦИ, ГАСИФИКАЦИЈА…
Преку Агенцијата за вработување, а со цел да се спроведат активните мерки за вработување со кои ќе бидат опфатени одредени категории невработени лица, со ребаланс се зголемува сумата на оваа потпрограма на ниво од 14,4 милиони евра.
За реформа во Агенцијата за катастар, планираната сума од 841.000 евра останува на исто ниво, а кај средствата за геодетско катастарски информационен систем има пораст на 1,5 милиони евра. На исто ниво од 2,1 милион евра остануваат средствата за рамномерен регионален развој преку Министерството за локална самоуправа, а нема промена ниту во сумата на парите кои преку ова министерството се наменети за прекугранична соработка, во висина од 1 милион евра. Преку Министерството за локална самоуправа, под чии ингеренции е плоштадот Скендербег, со ребалансот, сумата на пари за инвестициони активности за уредување на јавни површини, а со цел изградба на плоштад Скендербег, останува на ниво од 3,4 милиони евра, со што се смета дека овој проект треба да биде завршен годинава, со оглед на тоа што не се предвидени пари за буџетските 2018 и 2019 година.
Зголемување има кај средствата планирани за изградба на нов клинички центар во Скопје и Штип, за што до крајот на годинава треба да се потрошат 11 милиони евра.
Програмата ќе опфати изградба на нов Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје во кој ќе бидат сместени најмалку 25 клиники и неколку институти, како и изградба на нова Клиничка болница во Штип. Овој значаен капитален проект во здравствениот сектор ќе ја поддржи континуираната реформа на здравствениот систем, во насока на унапредување, подобрување и одржување на здравјето на населението, се наведува во предложениот ребаланс на Буџетот.
Преку Министерството за здравство на исто ниво од скоро 1,2 милиони евра остануваат средствата за клиничка болница Тетово, за Општата болница Кичево и за покрив на болницата во Гостивар. Значително се намалуваат парите за проектот „Здравствена картичка“ за што новата влада испланира само две илјади евра, наместо првичните околу десет илајди евра. Преку Агенцијата за млади и спорт, за спортски објекти предвиден е буџет од скоро 5 милиони евра наместо првичните 5,4 милиони евра.
Преку Министерството за образование, за потпрограмата реконструкција на ученички домови сумата останува иста, на ниво од 81.300 евра додека за изградба и реконструкција на студентски домови таа е намалена на 2,7 милиони евра, со тоа што во следната година се зголемува на 4 милиони евра. Преку ова министерство намалување има и кај развојната потпрограма за изградба на училишни спортски сали во средни училишта и за реконструкција и иградба на средните училишта. Се намалуваат и средствата по овие основи и за основните училишта. За проектот „Превод на книги од реномирани автори“ трошоците се намалени на 1,3 милиони евра, а намалување има и кај потпрограмата со која се опфатени активности поврзани со превод и печатење на 50 универзитетски учебници, кои се употребуваат на првите 10 рангирани универзитети согласно Шангајската листа.
Преку Министерството за труд и социјална политика, за поттикнување на вработувањето се предвидени 226.000 евра, што претставува зголемување во однос на претходните проекции.
Основна цел на оваа потпрограма е зголемувањето на вработеноста како врвен приоритет на Владата на РМ и најдобар начин за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост. Во рамките на оваа програма планирани се средства за вработувања на децата без родители и родителска грижа, се наведува во предлог реблан на Буџетот.
Преку Министерството за транспорт, за развој на туристички развојни зони целосно се укинуваат средствата, како и за изградба на водовод и канализација во Визбегово. За инвестиции во железничката инфраструктура буџетот е намален на 16,1 милион евра. За потпрограмата изградба на плажи средствата се преполовени на 650.000 евра. За клчниот прокет „гасификација“ сумата останува непроменета, за што годинава се испланирани 31,5 милион евра.
Со оваа потпрограма опфатени се активности за изградба на Национален гасоводен систем во Република Македонија, по претходно изработена физибилити студија за гасоводен систем на Република Македонија со идеен проект и изработена проектна документација. Националниот гасоводен систем се финансира со средства од обврските на Руската Федерација кон Република Македонија, како и со заем од „Дојче банка“ и „Ерсте груп банка“ – посочува предлагачот на Буџетот.
Преку Министерството за внатрешни работи помалку пари се одвојуваат за реформи во полицијата за што ќе бидата наменети 7,8 милиони евра додека зголемување, меѓу другото, има кај потпроектот за реконструкција и опремување на згради со што треба да се подобрат условите за работа на вработените во МВР, обезбедување на соодветна инфраструктура согласно европските стандарди и нивно материјално-техничко опремување. Кај Министерството за одбрана се зголемуваат средствата за модернизација во МО на ниво од 300.000 евра.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран одМетаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.