Култура

Одбележување на 114 години од смртта на Гоце Делчев

Денеска се одбележуваат 114 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев, кој на денешен ден во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер. По тој повод, делегација на Владата на Република Македонија по повод смртта на Делчев ќе положи цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје, а потоа и пред споменикот на Делчев на плоштадот „Македонија“. Во Македонската академија на науките и уметностите денеска напладне ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2017 година за особено значајни остварувања од интерес за Република Македонија во областа на науката.

Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По убиството, неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје. 

Слични статии