Култура

Изложба по повод 80 години од настанувањето на ремек делото на Пикасо „Герника“

Прочуената слика на Пабло Пикасо „Герника“, создадена во 1937, по повод бомбардирање на малото истоимено место во Шпанија за време на граѓанската војна, е една од најпознатите слики на 20 век. Ова уметничкото дело, кое претставува универзален крик на Пикасо против пустошот од војната, идниот месец полни 80 години од нејзиното настанување. По тој повод Музејот на кралицата Софија во Мадрид отвора голема изложба. Изложбата е насловена „Сожалување и ужас: Пикасовиот пат кон ’Герника’“ ќе претстави и околу 180 експонати од колекцијата на Музејот на кралицата Софија и од уште 30 институции во светот. Сликата го прикажува бомбардирањето на баскискиот град Герника, коешто  се случило на 26 април 1937 година, за време на Шпанската граѓанска војна, и на неа се прикажани жени, деца и животни во грч и болка што ги носи ужасот на војната. 

Пикасо ја насликал Герника по нарачка на тогашната актуелна влада на Шпанија за една изложба во Париз, во 1937 година. Со таа слика требало да се прикаже драмата на татковината под фашистичкиот наплив. Потоа сликата тргнала на патување низ светот, прво гостувајќи во Скандинавија, потоа Лондон и на кратко уште еднаш во Париз. По победата на Франко во Шпанија, а по барање на Пикасо, сликата е преместена во Музејот на модерни уместности во Њујорк, каде што претставувала централно дело на Пикасовата поставка на изложбата отворена само шест недели по нацистичката инвазија во Полска. Од 1939 до 1952 сликата потувала исклучително низ Америка гостувајќи во многу музеи. До 1956 го посетила Бразил и добар дел од европските градови. Поради грижата за состојбата на сликата одлучено е по тие патувања таа да стои само на едно место, во њујоршкиот Музеј на модерната уметност. МОМА за оваа слика отвори посебна сала на третиот кат на музејот, каде што со „Гарнира“ беа изложени и други слики од Пикасо.

Самиот Франко во 1968 бил заинтересиран сликата да се врати во Шпанија, но тоа Пикасо го одбил додека Шпанија повторно не стане република. По смртта на Франко, Шпанија е реформирана во републиканска конститутивна монархија и музејот МОМА морал да се откаже од едно од своите највредни дела. По година дена избегнувања и убедувања, „Герника“ најпосле во 1981 се враќа во Шпанија. Во текот на 70-те сликата стана симбол на баскиските националисти. Во 1992 од музејот Прадо силиката е преместена во Музејот на кралицата Софија, во Мадрид, со многу контроверзии зашто се сметало дека Пикасо, кој веќе не бил жив, би сакал сликата да е изложена во Прадо. Кога првпат ѝ е претставена на шпанската јавност, сликата била под огромно обезбедување и вооружени лица што ја чувале сликата во текот на изложбата. Баскиските националисти и понатаму тврдат дека сликата треба да се префрли во Билбао во новоизградениот музеј Гугенхајм, но Музејот на кралицата Софија се спротивставува велејќи дека сликата е во состојба што не дозволува понатамошно префрлување.

Автор:

Слични статии