Изложба на дела од Димитар Кондовски
— 3 април, 2017Вечерва, 3 април, во Македонскиот народен театар, ќе биде отворена изложбата сод ела од Димитар Кондовски, портретист, сценограф, костимограф, илустратор. Изложбата претставува хронолошко портретирање на театарските уметници со кои Кондовски катадневно соработувал, и ќе биде поставена на првиот кат од Македонскиот народен театар и ќе биде отворена до 19 мај.
Публиката првпат ќе види портрети во најразлични сликарски техники, цртежи, сценографски скици, костимски анализи и безброј навидум безначајни прибелешки, од кои се родиле големите портрети на „македонската Мона Лиза“- примадоната Ана Липша-Тофовиќ; авангардниот портрет на актерот Кирил Ќортошев; пенливиот лебед на примабалерината Натка Пенушлиска; алхемичарски магичниот портрет на учителот Никола Мартиновски; портретите на доајенот Трајко Чоревски. Оваа изложба содржи повеќе од 110 дела, што во последните 25 години е една од најголемите изложби направена во име на Кондовски.
„Добар повод за апострофирање на уште еден ден за паметење во историјата на МНТ, но истовремено и во културната историја на Македонија, е 90 годишнината од раѓањето на несомнено најголемиот и најпродуктивен портретист, сценограф, костимограф, илустратор, уметник и ликовен педагог – Димитар Кондовски.
Една од темите кои го преокупираат, а која е од особено значење за театрското културно паметење е речиси хронолошкото портретирање на театарските уметници, со кои катадневно соработувал. Така е создаден еден исклучително богат опус на „разговори-шепотења“ на уметникот со уметниците – скици и портрети на актери од сите генерации, со што Кондовски си го обезбедил местото на најголем хроничар на македонската театарска заедница. Токму затоа, авторките на изложбата Јасминка Намичева и Екатерина Намичева, преку годинешнава изложба ќе се обидат да откријат дел од „затскриениот свет“ на Кондовски, изложувајки за прв пат пред публиката огромен број портрети во најразлични сликарски техники, цртежи, сценографски скици, костимски анализи и безброј навидум безначајни прибелешки, од кои се родиле големите портрети на „македонската Мона Лиза“- примадоната Ана Липша-Тофовиќ.
Без огромната заложба на Хилдегард Кондовска, која сесрдно излезе во пресрет при селекцијата на делата, оваа изложба ќе беше невозможна. Автор на фотографиите е Филип Кондовски, а стручен соработник е најголемиот познавач на делото на Кондовски, д-р Емил Алексиев.