Култура

Пионери во 2д анимацијата – „Линкс студио“

Приказната за Линкс студиото е многу млада но истовремено исполнета со многу успешни проекти и многу идеи коишто ги реализраат чекор по чекор.

Гоце Цветановски

-Ние сме пионери во 2д анимацијата, многу сме амбициозни, сакаме да правиме филмови и да ги смееме децата од целиот свет, вели Гоце Цветановски, режисер по професија и сценарист со кого разговаравме за сегашните и идни проекти на студиото.

Линкс студиото е единствено кај нас по тоа што развива свои проекти. Ова студио го работи и првиот анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против галаксијата“ чија шремиера е најавена при крајот на 2019 година а Гоце Цветановски е таткото на овој прв долгометражен анимиран филм кај нас.

Група ентузијасти, пред година и пол го основале студиото и започнале со работа со приватен капитал. Нашиот соговорник вели дека ја имале таа среќа да бидат ослободени од притисокот што се наметнува од обврската да се најдат пари за работа.

-Постоиме една и пол година, од мај, 2015 но септември се смета за роденден на фирмата кога  стартувавме со работа. Почнавме со 25 луѓе а потоа континуирано, како се зголемуваше работата се зголемуваше и бројот на вработените, вели Цветановски.

Генерално работат со надворешни клиенти од САД, Хрватска, Австралија, Данска… Неколку пати  им се обратиле македонски фирми како клиенти, но се воспоставило дека многу од нив не знаеле што значи да се направи анимиран филм, дека е тоа долготраен и скап продукт. Ани­ма­ци­ја­та, и покрај огромната помош од компјутерските софтвери, е сѐ уште ек­стрем­но ба­вен про­цес, без раз­ли­ка во ко­ја тех­ни­ка се ра­бо­ти. Потребни се многу луѓе да се на­пра­ви дол­го­ме­тра­жен ани­ми­ран филм, ни објаснува Цветановски и ни појасни која е разликата помежу 2д и 3д техниката во правењето на анимирани филмови.

-Цртањето е носечкиот елемент и е главната компонента во анимацијата работена во 2д техника и поради тоа постои една посебна магија во работењето. Анимацијата работена во 2д бара поголема креативност и е повеќе зависна од човечкиот фактор, техниката е ставена во втор план и токму по тоа се разликува оваа техника од 3д техниката. Процесот е потежок, но крајниот резултат може веднаш да се види. Исто така анимацијата во 2д техника има многу помала конкуренција а побарувачката е постојана. Од друга страна, бидејќи  постојат многу студија коишто работат 3д анимација, тие  веќе ги имаат ангажирано квалитетните луѓе, вели Цветановски

Студиото постојано се зголемува што говори за успешноста во работата која бара дополнителен број на вработени. Бидејќи во нашата земја е тешко да се најде едуциран кадар кој ќе работи анимација, (постои само една катедра за анимација), студиото развило своја метода во оценување и селекција на кандидатите, коишто ги ангажираат во нивното студио. На конкурсите што ги објавуваат, главниот услов е кандидатите да имаат силни цртачки способности. Кандидадите приложуваат портфолио со цртежи преку кои се оценува  креативноста и способноста за цртање. Она што е битно е пријавените да се добри цртачи и да сакаат да цртаат, бидејќи целото работно време се состои во цртање, ни објаснува  Цветановски

И изборот на името зборува за уникатноста на ова студио кај нас. Имено, Линкс ( Lynx), на англиски значи рис, животно чија бројка од година во година е се помала. Во Македонија македонскиот рис е ретко животно и е заштитено со закон. Рисот е ретко животно и на Балканот.  Исто како и рисот и нашето студио е единствено во Македонија и е најголемо студио на Балканот специјализирано за 2д анимација. За тоа како му дошла идејата за „Јон Вардар…“, Гоце Цветановски раскажува дека бил инспириран од нивниот уметнички директор:

–Идејата за ликот Јон Вардар, ми дојде од цртежите на умет­нич­ки­от ди­ре­кто­р Тхе Мичо, Ми­хај­ло Ди­ми­три­ев­ски. Це­ла­та при­каз­на тргна ко­га Ми­чо поч­на да цр­та ед­на се­ри­ја илу­стра­ции на вон­зем­ја­ни и на чу­до­ви­шта. Ме­не овие цр­те­жи ме инспирираа и така настана ликот Јон Вардар. Се работи за со­се­ма оби­чен чо­век, кој еден ден ќе би­де кид­на­пи­ран од со­се­ма не­о­би­чен и мал­ку на­луд­ни­чав ро­бот, Зарк. Во од­нос на по­ра­ка­та, зад це­ла­та ко­ме­ди­ја, се кри­јат не­кол­ку се­ри­оз­ни по­ра­ки: важ­но­ста на при­ја­телс­тво­то, ме­ѓу­себ­на­та ин­тер­га­ла­ктич­ка то­ле­ран­ци­ја, од­нос­но де­ка љу­бо­вта и то­ле­ран­ци­ја­та се се­ко­гаш по­до­бра оп­ци­ја од војување. Директор на анимацијата е французинот Бен­жа­мин Хо­тон, кој се пресели во Македонија и тука основа и семејство.

„Јон Вардар“ е првиот проект а сега разработуваат тв-серија во која главниот лик ќе биде дете – син на Јон Вардар. Идејата ќе биде презентирана на „Кидс скрин“ фестивалот во Мајами на Флорида во САД, кој е и најголемиот пазар за детски анимирани филмови. Во најскоро време ќе се презентираат во Малме во Шведска и на форумот за копродукција на фестивал Фантазија во Брисел, Белгија.

Инаку долгометражниот „Јон Вардар…“ бил претставен на десетина меѓународни пазари за копродукција, а на голем број од нив биле прва македонска компанија која била селектирана за учество. Филмот предизвикал големо внимание од повеќе продуцентски куќи коишто биле заинтересирани за копродукција, п атака „Линкс студиото“ добило понуди од „Волт Дизни„, „ББС“, „Картун нетворк“ „Никелодион“.  Засега се влезени во копродукција со Франција, Германија и Бугарија.

„Линкс студиото“ е присутно на најголеми светски пазари за анимација. Минатата година студиото се презентирало на 15 големи светски пазари а на многу од нив биле прво македонско студио. Покрај свои проекти студиото работи и сервисни проекти за најразлични светски компании. Исто така тие имаат направено неколку свои видео игри за мобилен и за таблети. Како за анимираните филмови така и за видео игрите постојат издавачи. Мислиме дека е подобро нашите игри да бидат издадени од издавачи кои веќе се етаблирани на пазарот, вели Гоце Цветановски, кој го режираше спотот за песната „Cone Of Shame“ на познатата група „Faith no more “. Целиот видеозапис е  снимен во Македонија и во него учествуваат наши актери. Информацијата за спотот излезе и во реномираниот музички магазин „Ролинг стоун“.

Слични статии