Започнува филмскиот фестивал 67. „Берлинале“
— 9 февруари, 2017Меѓународниот филмски фестивал во Берлин, 67 Берлинале ќе биде отворен денеска со филмот „Џанго”, деби остварување на францускиот режисер Етјен Комар. Во трка за „Златна мечка“ ќе се борат двајца ветерани, Волкер Шлендорф и Аки Каурисмаки, додека Македонија ќе се претстави со „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска во програмата „Панорама“.
Годинешното Берлинале се разликува по тоа што годинава не донесе мега ѕвезди и блокбастери. Филмот на отворањето, „Џанго“ е а биографски музички филм на Етијен Комар за еден од пионерите на европскиот џез, чија музика и техника ќе извршат влијание и на американскиот џез. Жан Батист Рајнхарт (1910-1953), по потекло Ром, е роден во Белгија, а пораснал во циганските населби близу Париз. Познат по неговиот надимак Џанго уште како многу млад ќе настапува по париските сали, свирејќи на виолина и на гитара. На 18 години ќе биде повреден во пожар при што настрадале неговите два прста на левата рака. Упорен да ја продолжи својата музичка кариера како гитарист, тој ќе измисли сосем поинаков начин на свирење за да може да го постигне тоа што сака со три прсти. Овој легендарен џел музичар свирел ромска музика со елементи на џез и француската модерна а патот ќе го одведе во „Карнеги хол“ а во 1934 година со виолинистот Стефан Грапели ќе го основаат славниот квинтет Hot Club de France. Во тоа време настапувал во Европа и во САД со многу познати џез-музичари, меѓу кои и Дјук Елингтон. Етјен Комар е познат продуцент и сценарист, но, сега првпат се јавува и како режисер на филмот „Џанго“, кој е во конкуренција за „Златна мечка“. Музиката во филмот ќе ја оживее холандското „Розенберг трио“
Единствена земја која има три филма во главната конкуренција е земјата домаќин, Германија, со еден од ветераните, Волкер Шлендорф, познат по култниот „Лимениот барабан“. Волкер Шлендорф доаѓа со филмот Враќање во Монтаук“, филм за еден писател и неговата средба со жената, која ја среќава повторно по цели 17 години. Следниот е Андрес Веил кој ќе се претстави со биографскиот филм „Бојс“, за познатиот германски скулптор, теоретичар, авангарден уметник, Јозеф Бојс.Филмот „Светли ноќи“ на Томас Арслан е копродукција со Норвешка. Од Европа во главната програма се вклучени десет филма. Тука се, Романија, Португалија, Велика Британија, Полска, Унгарија, Финска и Австрија. Вториот ветеран е финскиот автор Аки Каурисмаки, кој обработува тема за бегалците со филмот „Во другата страна на надежта“ каде не бегалците ќе им помагаат еден покераш и еден трговски патник. Во трката за „Златна мечка“ е романскиот режисер Калин Петер Незер кој претходно ја има добиено оваа награда.
Жирито годинава го предводи провокативниот холандски режисер Пол Верховен, а меѓу членовите е и американската актерка Меги Гиленхал, потоа германската Џулија Јенч, која ја играше Софи Шол, мексикански актер Диего Луна.
Македонија ќе биде претставена со филмот на Теона Стругар Митевска и со една копродукција. „Кога денот немаше име“ на на 14 февруари во киносалата „ЗОО Паласт“. Она што предизвика големо внимание во Македонија е најавата дека филмот е инспириран од настаните кај Смилковско Езеро. Второто остварување е „Реквием за г-ѓа Ј“ на Бојан Вулетиќ од Србија, во кој Македонија е копродуцент.
На црвениот тепих ќе ги видиме и Ричард Гир, Итан Хок, Пенелопе Круз, Хју Џекман и Роберт Патинсон. Македонија, исто така, ќе има свој претставник на фестивалот, а тоа е филмот во српско-бугарско-македонска копродукција „Реквием за госпоѓа Ј.”, по сценарио и режија на Бојан Булетиќ.