Адел триумфираше на доделувањето на „Греми’ наградите
— 14 февруари, 2017Британската пејачка Адел триумфираше на 59-то доделување на Греми наградите во Лос Анџелес, освојувајќи ги сите пет награди за кои беше номинирана, вклучувајќи и за најдобар албум, снимка и песна на годината. Адел (28), која ја однесе наградата за албумот „25“ и баладата „Hello“, стана прва личност во историјата на доделувањето на Греми наградите, која два пати ги освоила најпрестижните три награди. Британската пејачка ја победи Бијонсе во трите главни категории со нејзиниот албум „25“, и го повтори успехот од 2012 година, кога освои „греми“, повторно за најдобар албум, плоча и за песна на годината. Таа е прва ѕвезда во историјата на овие награди која двапати победила во првите три категории, а сега има „колекција“ од вкупно 15 „греми“ награди.
Адел, изјави за новинарите зад сцената дека е време Бијонсе да победи, која освои „Греми“ за најдобар видео спот за синглот „Formation“ и за најдобар современ урбан албум „Lemonade“. Бијонсе изведе две балади „Love Drough“ и „Sandcastles“, додека Адел ја прекина изведбата на песната „Fastlove“ од Џорџ Мајкл, коај сакаше да ја испее во чест на починатиот пејач, а потоа побара да почне одново.
„Не смеам ова да го згрешам поради него (Џорџ Мајкл)“, рече таа, и одново ја испеа песната за што беше наградена со аплауз.
Покрај британската пејачка, голем победник на синоќа одржаните Греми награди беше покојниот британски пејач Дејвид Боуви, чиј последен албум „Blackstar“ ги освои сите пет номинации, вклучувајќи ја и наградата за најдобар алтернативен албум. Џастин Тимберлејк ја освои наградата во категоријата „Најдобра песна напишана за визуелни медиуми“ за песната „Can”t Stop the Feeling“.
Меѓу другите добитници беа хипхоперот Ченс д Рапер, кој освои три Греми награди, меѓу кои и за најдобар нов изведувач, додека музичкото дуо „Твенти уан пајлотс“ ја освои наградата за најдобра изведба на поп дуо/група за песната “Stessed out“. На церемонијата, меѓу другите, настапија и Кети Пери и Бруно Марс.