Култура

Школите велат да за воведување на филмско образование

Последните десетина години, Македонија не може да се пофали со свој успешен филм. Состојбата во македонската кинематографија е контрапродуктивна: државата одделува многу повеќе пари, а резултатите се разочарувачки! Зошто е тоа така? Очигледно двата услова, желбата и парите, не се доволни и очигледно е дека факултетите не продуцираат квалитетен кадар! Бидејќи знаењето е услов за добар резултат, разгледувајќи го овој проблем, се вративме едно скалило поназад во образовниот процес, а тоа е средното образование каде се оформуваат младите луѓе во зрели личности.

Во овој текст ги пренесуваме мислењата на директните учесници во образованието, професорите и учениците, кои го искажуваат нивното мислење дали е потребно да се воведе предмет за филм во средните училишта?

 Кристина Битракова, професорка по ликовна уметност во  СУГС „Јосип Броз“ во Скопје, вели дека една од задачите на професорите е да се создадат повеќе уметнички едуцирани кадри кои во иднина ќе станат еминентни уметници и ќе влијаат на јавното мислење.

-Од моето, скоро 15 годишно искуство како професор по ликовна уметност во ова училиште, а воедно и активен ликовен уметник претставувајќи го своето творештво во државата и надвор од неа, сметам дека треба да се воведат предавања за филмската уметност кои ќе бидат насочени за едуцирање на учениците во трета и четврта година во насоките по уметност-гимназиско образование. Побарувањата и размислувањата на денешните генерации драстично се разликуваат од генерациите пред скоро неколку години. Прво, потребно е менување или дополнување на годишниот наставен план, каде ќе се исфрлат содржини што се повторуваат од претходните години и ќе се вметнат нови, коишто ќе ја мотивираат нивната  креативност. Предметот во програмата треба да претрпи големи промени, поголеми ангажмани и подготвеност од страна на професорите за на крајот  да имаме добро ликовно и културно образована младина која ке ја почитува уметноста и голем дел ќе одбере да се занимава со визуелната уметност.

eduМладиот човек сака да види резултат од своето дело презентиран во јавноста, а доколку ја има, таквата можност ја користи. Би било убаво да се развие поголема соработка со продукциските куќи за да видат како изгледа процесот на создавање на филм.Во секој случај сигурна сум дека поголемиот дел колеги се согласуваат со овој мој став и би биле среќни кога оваа идеја би се реализирала, бидејќи мотивацијата на учениците претставува поголема мотивација на професорите да извадиме што повеќе уметнички едуцирани кадри кои во иднина ќе станат еминентни уметници и ќе го сменат мислењето на јавноста покажувајќи и докажувајќи дека уметноста е и ќе биде неизоставен дел од животот на секој поединец.

-Владимир Владимиров, ученик во четврта година од СУГС „Никола Карев“ смета дека предметот за филм треба да биде задолжителен за целото образование.

-Воведувањето на ваков предмет е одлична иницијатива и јас лично како средношколец би рекол дека во образованието МОРА да се воведе филм како предмет. Филмот е медиум/уметност исто како и музичката и ликовната уметност само што филмот ги содржи истите тие и тоа во изобилство. Не гледам причина зошто да не се воведе филм во образованието. Се прашувам зошто до сега се нема случено тоа. Филмот не треба да е изборен предмет, напротив треба да е задолжителен за цело образование. Со воведување на предмет филм, учениците првенствено би научиле како правилно да гледаат филмови и како да го следат развојот на приказната. Со гледање филмови се буди и развива креативноста на човекот, учи, осознава… Со воведување на ваков предмет во образованието ќе им се отворат врати и на оние што сакаат да студираат филм. Ова би било голем чекор за македонското образование и се надевам дека оваа иницијатива ќе има успешен резултат, вели Владимиров кој тврди дека неговото мислење го делат многу средношколци.

Тања Соларска Темелковска е професорка по ликовна уметност во СУГС „Гоце Делчев“ и ОСТУ „Наце Буѓони“ и во ССОУ  „Киро Бурназ“ предава естетика. Таа смета дека филмот како седма уметност треба да се изучува, особено што досегашната програма не содржи предавање за филм. 

-Формирање на филмски клубови во гимназиите е добра идеја. Исто така може да се изготви програма за изборен предмет или проектна активност од оваа свера и истата да се достави до Бирото за образование од страна на училиштата кај кои учениците пројавуваат интерес за изучување на филмската уметност. Одделно од ова, треба да се  размислува за  користење на филмови за совладување на наставна содржина по други предмети. Филмот како седма уметност треба да се изучува, особено што досегашната програма не содржи предавање за филм, туку се опфатени само подрачјата, цртање, сликање, графика, скулптура, дизајн, фотографија, архитектура, урбанизам , историја на уметноста и естетика. Јас не би го употребила терминот „застарени образовни методи“, оти користиме и современа методи во наставата при што акцентот се става на употребата на информатичка компјутерска технологија. Сметам дека фондот на часови особено во основните училишта е многу мал и истиот треба да се зголеми оти значајно влијае на развојот на креативноста кај учениците но и во  средните стручни училишта каде тој е еден од предусловите учениците да развијат способности за креативно и естетско изразување. Формалното образование во последните години, континуирано  и многу интензивно се реформира, реформите се толку интензивни, што е многу да се фати чекор со промените и адекватно  и системски да се заокружат сопственото формално образование.

Моника Ставревска студентка на втора година на Универзитетот за аудиовизуелни уметности („ЕФТА“ или ЕСРА?) во Скопје ја поддржува идејата за воведување предмет за филм во средните училишта.

-Едно големо ДА за воведување предмет за филм во средните училишта, затоа што знам дека реално постои потреба и и нтерес кај средношколците за изучување на филмската уметност. Ваквите предавања би користеле на сите средношколци, а особено на оние што ќе ги одберат факултетите по уметност.

Драгица Солунчева, професорка по филозофија во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“  смета дека филмот би можел да се изучува во рамките на предметот естетика за кој смета дека треба да се воведе како задолжителен предмет во гимназиите но и преку формирање на филмски клубови во училиштата.

-Со оглед на исклучително ниското ниво на естетичката свест на учениците, би било убаво да се воведе предметот естетика како задолжителен во гимназиското образование во сите насоки и би претставувала медиум за обликување креативни личности кои би копнееле овој свет да го направат најубав од сите можни светови. Така, би ја осознале вистинитоста на Ничеовата мисла по која „постоењето на светот е оправдано единствено како естетски феномен“. Во рамките на предметот естетика, изучувајќи ги одделните уметности, учениците би следеле и часови по филмска уметност кои би им овозможиле да проникнат во феноменологијата на филмот и неговата историја. Неретко филмот го користам како медиум за стекнување и продлабочување на знаењата во философијата и етиката. Би можело да се воведе предмет филмска уметност како проектна активност во училиштата. Согласно моето искуство, учениците ја почитуваат филмската уметност. Формирање на филмски клубови би овозможило дастекнување теоретско познавање на филмската естетика низ непосредно соочување со неа. Во однос на методите по кои се учи, не постојат „застарени образовни методи“. Постојат квалитетни и неквалитетни методи на образование, квалитетни и неквалитетни применувачи на методите на образование.

Слични статии