Ромите се најсиромашна популација во речиси сите земји каде што живеат, а ромските деца страдаат од неухранетост. Ромите живеат во гетоизирани населби, без вода, струја, канализација, асфалтни патишта, улично осветление. Само 16 проценти од Ромите што живеат во Скопје имаат тоалет и бања, а останатите користат полско веце. Достапност на вода имаат само 26 проценти
-Тетке, ако имаш некој динар, помогнете, ја слушам реченицата по којзнае кој пат оддеца што просат низ градот на различни локации и пред вратата на мојот дом. Пред мене стојат две убави девојчиња, пристојно облечени во убави и чисти алишта. Тие истовремено ѕвонат на сите станови на секој кат, да добијат во време, за зградите планирани за тој ден.
– Аман,знаете ли кои сте вие по ред денеска, изреагирав повеќе за да ја видам нивната реакција отколку да ги искарам. Во тоа време излегува и мојата комшивка, и таа веднаш се враќа назад во станот, рутински, извежбана, како да има обврска пред сите овие луѓе кои секојдневно ги поминуваат нашите згради.
– Денеска ни е последен ден, вели поголемото девојче, одиме за Германија, добивме документи. Чичко ми е полицаец! вели поголемото девојче и ги придобива нашите симпатии. Сосетката нема пари, носи капа и шал. И ги става на помалото девојче. Еве, вели таа, на ќерка ми и се мали и не ги сака. Но, кога ќе се вратите од Германија, да не ме заборавите, сакам да ми донесете едно чоколадо, ништо друго не сакам.
Според податоците од невладините организации, во Македонија просат 1000 деца од кои 600 се во Скопје.Ромската популација е населена во 64 од вкупно 85 општини во државата, а најголем број се во Скопје, дури 43.1 процент. Бројките говорат дека дури 17 проценти од ромските деца се неухранети.
Според направената анализа на Македонскиот Институт за јавно здравје,првооделенците од ромската заедница, заостануваат во висина и телесна тежина во однос на своите врсници од другите етнички заедници. Децата што просат се на возраст од 7 до 14 години. Во Скопје, тие најчесто се среќаваат пред големите маркети и плоштади, на Камениот Мост, на фреквентните раскрсници каде просењето го прикриваат со алатка за миење на прозорци.
Но, многу од овие дечиња, како резултат на заложбите на државата, Министерството за труд и социјална политика и невладиниот сектор, се тргнати од улица. Постојат 4 Дневни центри за деца прибрани од улица, 3 државни и еден на НВО „Здружение за заштита на правото на детето“ сместен во општина Шуто Оризари. Во овој центарсекојдневно околу 90 дечиња стекнуваат хигиенски навики, учат поинаква комуникација од она што ја научиле на улица, ги пишуваат домашните задачи и ги оставват школските учебници во Центарот, за да не бидат употребени дома за греење воладните зимски денови од страна на нивните родители.
Во „Шуто Оризари“ има повеќе невладини организации а нивното делување го опфаќа и ромското население. НВО „Хера“ им нуди здравствени, социјални и правни услуги на Ромите. На годишно ниво оваа невладина организација им помага на 2000 до 2500 Роми.
Тука спаѓа бесплатен гинеколог, правнички совети, пополнување на документи за социјална помош како и документи за добивање на парична помош за трето дете.За да се стекнат со право на оваа парична помиш, жените треба да ги имаат сите гинеколошки прегледи во текот на бременоста, за да имаат право да аплицираат. Следниот услов е редовната вакцинација. Бидејќи децата се често болежливи, тие не ги примаат сите планирани вакцини за таа година. Следната година се повторува целата постапка за вадење на документи која не е едноставна и лесна, вели социјалниот работник во оваа невладина, Ленче Поповска.
Сиромашни во сиромашна земја
Неблагодарно и тешко е да си сиромашен, но ако живееш во сиромашна земја, каква што е Македонија, е уште потешко. Според статистичките податоци на Еуростат, Завод за статистика на ЕУ, Ромите се најсиромашна популација во речиси сите земјикаде што живеат. Според анализата на УНДП, Програма за развој на ОН, стапката на невработеност на Ромите во Македонија е 70 % и е најголема во споредба со другите етнички заедници во земјата.
Според истражувањата на невладиниот сектор, НВО „ИнСок“ , дури 95 проценти од Ромите се сиромашни. Само 16 проценти од Ромите што живеат во Скопје имаат тоалет и бања, а останатите користат полско веце. Достапност на вода имаат само 26 проценти.Сепак, Владата работи на ова поле за што зборува,“Проектот за домување на социјалноранливи групи Ф/П 1674“ на Министерството за транспорт и врски од 220 социјални станови завршени во 2012 година беа доделени 33 стана или во проценти 16,6 %. Во извештајот подготвен од
Коалицијата на граѓански организации, Асоцијација „ИнСок“, Здружението на Ромите „Месечина“, Асоцијација „Сонце“, и Ромскиот образовен центар „Амбрела“, стои дека со започнувањето на „Стратегијата за Ромите во Македонија во 2004, координацијата на централно ниво, како и помеѓу централно и локално ниво, достапноста на релевантни информации и податоци, финансирање на иницијативите за Ромските прашања, се уште е проблем на кој треба и понатаму да се работи. Оценката е дека не постојат знаци на обврзаност од страна на Владата да се одржат и прошират воведените програми и да се исполнат постоечките потреби, кога станува збор за Ромското прашање.
Затоа сиромаштијата ги тера Ромите континуирано да ја напуштаат земјава. Масовното напуштање се случи по укинувањето на визниот режим, кога многу Роми побараа азил во земјите на Европската Унија. По краткиот престој таму, Ромите беа депортирани назад во Македонија, а Македонската Влада беше предупредена да изнајде решение за Ромите, да работи на елиминирање за причините за емиграција. Европската Унија направи притисок врз земјите од Западен Балкан коишто беа условени дека ЕУ ќе го укине безвизниот режим, ако не се намали бројот на азилантите од овие земји. Според Ашмет Елезовски, од НВО „Национален Ромски центар“, Ромите во овој случај се алатка за манипулација.
Оваа е наметната ситуација со лажните азиланти, а Македонија прифатила да си го дискриминира сопствениот народ. Значи, Ромите немаат многу права, а сега им се ускратува и правото да излезат од земјата. Меѓутоа овде и друга популација е проблем со емиграцијата и азилантството не се само Ромите, потсетува Елезовски.
„Шетам со лажно лице“
„Шетам со лажно лице“ е театарска претстава во која глумат деца ромчиња кои не се заведени во книгите на родените, иако се родени во нашата земја. Оваа состојба се рефлектира во неверојатни дури и апсурдни ситуации. Се има случено деца Ромчиња да настрадаат во сообрајна несреќа и тоа по грешка на возачите, но за тоа тие да не одговараат.
Едноставно, децата не постоеле во административните книги и за системот биле невидливи, па оттука и возачите немало за што да одговараат. Министерството за труд и социјална политика континуирано работи на ова поле заедно со МВР и невладините организации. Случаите излегуваат уште покомплицирани и посложени бидејќи во ланецот на генерации никој не е заведен.
Оттука постојат цели семејства и во нив неколку генерации што живеат во државава без лични документи. Бројката на овие лица без документи се зголемува со геометриска прогресија, ако се земе предвид дека многу од ромските деца влегуваат во малолетнички бракови на 13 – 14 години. Оттука е многу тешко да се дојде до конечната бројка на Роми-жители на оваа држава. Според последните официјални податоци во Македонија живеат околу 54 илјади Роми. Но, се поверојатно е дека бројката од 133 илјади Роми е пореална бројка, до која дојде невладиниот сектор, како резултат на директна работа на терен од страна на невладините организации.
Декада на Ромите 2005-2015
Македонија во однос на другите земји постигнала успех само во делот на образованието на Ромите, но потфрлила во здравство, вработување и домување. После осум години по донесувањето на Декада на Ромите, резултатите се едвај видливи, е оцената на невладиниот сектор.„Во контекст на Декада на Ромите … одговорноста и очекувањата се префрлија на неколку Роми-претставници на државните институции со многу ограничени ингеренции.
Воедно, од она што државата го предвидела со националниот акционен план за образование на Ромите за седум години, таа аплицирала само околу 8% од предвидените средства, со значителен удел на странски донации во нив. Одговорните институции се уште се однесуваат како овие прашања да се поле на невладините организации и странските донатори,“ наведува во Анализата на образованието на Ромите, Огнен Спасовски, доцент на Институтот по психологија при Филозофскиот факултет, Скопје. Бројките велат дека околу 60 % од ромските деца завршуваат основно образование. Процентот е уште помал ако се земе во предвид дека деца-Роми се невидливи за системот. Средно училиште завршуваат околу 25% ромски деца. НВО „Здружение за заштита на право на дете“ во соработка со училиштата успеале да издејствуваат многу деца да се најдат во школските клупи. Сведителствата ќе им бидат дадени откако тие ќе бидат заведени во матичните книги на родени.
Голем дел од Ромите живеат во гетоизирани населби, без вода, струја, канализација, асфалтни патишта, улично осветлување. Таква е картонската ромска населба ,,Три багреми”, каде ветерот им ги носи најлоните и картоните во воздух. Проектот „Легализација на домувањето за Роми“ е инициран од НВО Национален Ромски Центар и Здружението за хумано домување „Хабитат“, со цел да им помогне на ромските семејства да ги легализираат нивните бесправно изградени домови.
„Во почетокот оваа иницијатива беше позитивно прифатена од општините, но дојде период на проблеми, вели извршниот директор на НВО „Национален ромски центар“, Ашмет Елезовски. Речиси сите ромски населби се многу близу до центрите на градовите. Најчесто општините ги одбиваат барањата за легализација со образложение дека не влегуваат во урбанистичките планови. Според Елезовски ромските домови лесно можат да бидат предмет на манипулација во корист на политички цели.
Во Куманово советниците од СДСМ гласаа да не се урбанизира Ромската населба Средорек. Но затоа пак зградите никнуваат таму кај што некој ке посака. Оваа невладина организација има поднесено 1519 барања за легализацијата на домови во 6 општини во Македонија: Скопје, Куманово, Кочани, Прилеп, Тетово и Штип. Во Штип, повеќето барања на Роми за легализација на нивните домови се одбиени со образложение дека нивните домови не се опфатени според урбанистичкиот план на градот, не информира Шенај Осман од НВО „ Здружение на правата на Ромите“.
Македонија предводник во решавање на проблемите на Ромите
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување од кризи, м-р Шабан Салиу, Македонија е предводник во решавањето на проблемите на Ромските граѓани во Македонија,а зад нашата држава се европските земји како што се Романија, Чешка, Словачка, Бугарија…Во државната администрација работат 150 Роми, што порано беше научна фантастика. Образованието се подобрува, има многу студенти Роми“, вели Салиу. Тој смета дека акцентот треба да се стави на позитивната дискриминација со што финансиски ќе се помагаат ромските деца во претшколско и основно образование, како и обезбедување специјални кредити за решавање на бездомништвото кај ова население. Според Ашмет Елезовски, од НВО „Национален Ромски центар“ во Куманово, ако се спореди Македонија во поглед на дискриминацијата спрема Ромите, од пред 10 години и денес, во однос на интеграцијата кон оваа популација,состојбата е на многу понезавидно ниво, таа е многу поназад. Расизмот е зголемен и во градовите и по селата. Има сеуште многу заостанати работи коишто треба да се решаваат, смета Елезовски
Нема реални реализации no има премногу законски регулативи
Невладиниот сектор е едногласен во оценката дека државата и Министерството за труд и социјална политика направи некакви активности за подобрување на статусот на Ромите, но до сега нема никакви видливи резулттати во однос на Ромското прашање. „Ние немаме реални реализации на одлуки, имаме премногу законски рекулативи, премногу конвенции, декларациишто сме ги потпишале, а надлежните на одредени позиции не ги прочитале, а и не можат за жал, бидејќи времето ги тера да усвојуваат се набрзина, вели Ашмет Елезовски во интервјуто за Новатв, во кое зборуваше за состојбата на Ромите. Министерството за труд и социјална политика е носител на најмногу проекти со цел за поуспешно интегрирање на
Ромите во нашето општество.
Проектот, Инклузија на деца Роми во предучилишно образование, стартува во 2006 година заклучно со учебната 2012 година во кој биле вклучени 1800 деца Ромиод кои 82 % се запишале во основно образование.Во 2007 година стартува проектот, Ромски информативни центри. Вакви Центри се отворени во 12 града во земјава, со цел Ромите да ги остваруваат своите права од областа на вадење на лични документи, социјална заштита, вработување,домување, образование, здравство….Проектот, Правна помош за ромската заедница се реализира од 2011 а резултат се отворање на мобилни правни канцеларии каде има ромско население. Акција за евиденција на лица во матична книга на родени во соработка со МВР и Управа за водење на матични книги се спроведува од 2011 година.
Досега се евидентирани 441 лице, а ДНК анализа е направена на 32 лица во 2012 и на 30 лица во 2013 година. Вклучување на Ромите во активни мерки за вработување: Програма за самовработување, Програма за субвенционирање на вработување, Програма за обука за барани занимања на пазарот, Самовработување со кредитирање. Почнувајќи од 2011 овој проект бележи одредени резултати и нуди одредени бројки на Роми кои нашле работа преку овие програми, но ова е само прв чекор во натамошниот процес за намалување на невработеноста кај оваа популација. Проект Поддршка во градење на капацитети за имплементација на Стратегијата за Ромите во РМ во рамки на ИПА, Спроведување на проект МТМ ги опфаќа оперативните планови за Ромската декада од сите приоритетни области согласно насоките на ЕУ 2020 .
Министерството за труд и социјална политика остана херметички затворено
Комуникацијата со МТСП, т.е. со портпаролите којашто траеше 10 дена, можам да кажам дека за мене беше еден краток курс за начинот и формата како треба да се бараат информациите. Тоа се одвиваше вака: Прво, испраќање на имејл со сите информации, за тоа што и за кого пишувам, и што сакам од Министерството.
На следното телефонско јавување, ми беше кажано дека имејлот треба да се испрати на друг портпарол, кој е задолжен за наоѓање на соговорници. Го испрстив истиот имејл на нова адреса. Потоа следеше период на не кревање на мобилен, ниту на телефон во канцеларија. Десеттиот ден, каква среќа, го најдов портпаролот на телефон. Ми рече дека има соговорник за мене кој ќе ми даде интервју. Интервју!? Јас никаде не спомнав ниту побарав интервју! Го корегирам портпаролот. Му читам што имам напишано во имејлот. Тогаш, рече, штом не сакате интервју, тогаш тоа се информации од јавен карактер и ќе треба да испратите прашања на оваа имејл адреса.
Тоа значеше испраќање по трет пат, еден ист имејл и дополнително чекање. Еден ист имејл со иста содржина после 10 дена се трансформира во барање на информации од јавен карактер. Во почетниот стадиум беше сфатено како интервју! Во ред, велам, ќе правам интервју. Ги прифаќам сите услови, само да дојдам до соговорник, па макар и на една тема. Добив соговорник и закажав состанок за 2 часа во Министерството за труд и социјална политика.. Ми олесна. Толку чекање а најпосле ќе ги добијам информациите од Министерството кое работи на многу Акциони планови со цел поуспешно интегрирање на Ромите во општеството. По краткото барање на мојот соговорник во Министерството од портирот, тој беше лоциран еден кат подолу, кај портпаролката. Супер, си помислив, ќе имам двајца соговорници. Но, следи ново изненадување! Портпаролката ми подава листови со информации и ми вели, еве ви ги одговорите, јас уште првиот ден почнав да ги пишувам одговорите, мојот колега требаше да ви ги испрати. Јас не знамвие што сакате, инсистирате на соговорник! Јас напишав во имејлот што сакам ја потсетувам. Не се сеќавам на вашиот имејл јас добивам многу имејли, вели таа. Требаше, но нејзиниот колега ништо не испратил.
Помислувам дека веројатно е „виновно“ моето три-годишно отсуство од државата, а за тоа време комуникацијата фатила некои други патишта. Комуникација која не користи да биде информирана јавноста, туку напротив, максимлно да се контрилира протокот на информации, случајно да не залута некој податок, и да излезе надвор во информативниот етер.
Не е лесна туѓината, но зошто понекогаш ми се јавува носталгија кон неа?
Истражувањето е поддржано од CIN SKUP Македонија во рамките на проектот Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известување, објавено 2015 година