Култура

Уникатниот фрескоживопис го сместува Курбиново на светската мапа на вредности

Црквата „Св. Горѓи“ во село Курбиново изградена во 1191 година, (12 век) е од исклучително историско значење – таа е репрезент на византиската градителска традиција и уникатна цариградска концепција. Уникатниот фрескоживопис го сместува Курбиново на светската мапа на вредности.  Токму поради ова, од исклучителна важност е како, со каква стручност  се врши конзервацијата на овој објект кој е прогласен за споменик на културата уште во 1952 година и кој опстојува повеќе од осум века. Еден од парадоксите е што објектите од културното наследство се влошуваат поради неквалитетното рестaврирање, тврди  претседателката на невладиниот Центар за заштита на културно наследство, Донка Барџиева Трајковска.

Arhangel Gavril

Сегмент на фреската на светецот Архангел Гаврил „Aнгелот од Курбиново” се наоѓа на позадината на банкнотата од 50 македонски денари

-Она на што би апелирала е во образованието да се изучуваат старите  средновековни техники. Единствениот начин ние да ги спасиме спомениците на културата е да ги едуцираме кадрите во конзервација со она што значи средновековен систем затоа што не е ништо друго заштитата освен познавањето на техниката на материјалите на конструктивниот систем.

-Очигледен е некој премаз на фреските во Курбиново кој предизвикува пожолтување на ѕидното сликарство. Е сега имаме ние најголем дел од фреските во Курбиново со една пожолтена како стара хартија боја, а горе во најгорните делови каде што не стигнале, изгледа немале скеле доволно високо, останата е она оригиналната боја. Така што и тоа треба да се испита да се види со што е премачкано, дали некој вид лак, или некој вид на фиксатив, да се види што е за да може да се отстрани“, вели историчарот на уметност во битолскиот завод и музеј Ристо Палигора.

Црквата е изградена во 1191 за време на владеењето на Исак II Ангел што се гледа од натписот над олтарот. Таа е е најголемата еднокорабна црква во Македонија, со полукружна апсида, долга 17 метри и широка 7 метри.  Црквата се карактеризира со специфичен начин на обработка на фасадите, денес видлив само во долните делови на западниот и јужниот ѕид. По изведбата на ѕидовите било изведено малтерисување и боење на фасадите со цел да се постигне побогат изглед. Ваквиот начин на обработка е пристигнат преку византиската градителска традиција. Во црквата има два влеза и изградена е главно од камен и помалку од тули.

kurbi 400-

Фрескопис

Фреските се едни од најубавите, најоригиналните и во целост најдобро сочувани фрески што од тој период допираат до нас. Црквата Св. Ѓорѓи своето место во ризницата на светските вредности го обезбедува токму со сочуваниот фрескоживопис. Творештвото на тројцата непознати мајстори во Курбиново, претставува надоврзување на творештвото на нерешките мајстори, иако во голема мера се забележува голема оригиналност во стилот и изразот. Сè до крајот на XIII век во македонскиот живопис доминира комненовскиот стил.

Тој, освен чисто цариградски  елементи во претставувањето на монументално замислениот иконографски распоред на живописот, во одделни композиции или фигури, има внесено нови елементи, што во престолнината Цариград и надвор од неа, никаде не е толку изразито предаден како во Македонија. Цариградската рафинираност на боите, неповторливиот топол колорит и воздржаната мерка на спиритуализирање на ликовите, на пример во Нерези, што го издигаат во редот на најважните споменици на византиската уметност воопшто, веднаш по него доаѓа токму Курбиново. Но тука, во Курбиново, цариградската концепција на моменти се губи и надвладува таков линеаризам и форми, што повеќе ѝ одговараат на „провинцијата”, а тоа е специфично за месните мајстори.

kurbin-e

Фрескоживописот од дванаесеттиот век е сочуван скоро во целост, освен уништениот дел од претставите во првата зона на северниот ѕид и дел од јужниот, како и горниот дел од третата зона. Живописот во црквата е особено осмислен и достигнува признаени ликовни остварувања. Од ктиторот и семејството е останат само фрагмент од чевлите, според што е дојдено до заклучок дека овој ктитор припаѓа на световната (побожна) аристократија

Концепциски живописот е распореден во три зони: во првата зона се насликани поединечни претстави на светители во раст, во втората циклусот на големи празници, а во третата пророци.

Во олтарниот простор во првата зона е насликана композицијата Поклонување  на архиереите на Христос – агнец (Мелисмос), а во конхата на апсидата Богородица Никопеа фланкирана од двете страни со архангелите Михаил и Гаврил. На источниот ѕид се насликани благовести со архангел Гаврил(северно) и Св. Богородица (јужно). На јужниот ѕид во олтарниот простор насликани се Св. Методиј Солунски, Св Кирил Солунски и Св Кирил Александриски. Надвор од олтарниот простор насликана е претставата на Исус Христос, а до негоБогородица иСВ. Јован Претеча од Деисиз. На западниот ѕид во првата зона се насликани претстави на жени светителки:Св. Текла, Св Петка, Св. Теодора, Св Варвара, Св. Недела и Св. Катерина. На северниот ѕид се насликани претставите наСв Онуфриј и Св. Ефросин, а на источната страна од северниот ѕид претставата на Св. Ѓорѓи. Некои композиции: „Вознесение“, „Благовештение“ и „Средбата на Марија и Елисавета“ го вклучуваат живописот од Курбиново во првиот ред на византиското сликарство, воопшто.

kurbin-b

На јужниот ѕид во втората зона на олтарниот простор претставени се две сцени со Марија и Елисавета, а надвор од олтарниот простор циклусот продолжува со Раѓањето Христово, Сретение, Крштевање и Воскресение Лазарево. На западната фасада во горните партии сочувани се остатоци од ктиторска композиција која е истовремена со живописот во внатрешноста. На јужната фасада сочувани се остатоци од циклусот посветен на житието на Св. Ѓорѓи кој потекнува од XIV век. Во црквата сочуван е и живопис од претставата на Св. Димитриј на коњ од XVI век насликана на северниот ѕид. Програмата во црквата е догматски посебно обмислена целина, со присутни нови сцени кои ѝ даваат посебно обележје. Овде посебно се мисли на композицијата Поклонување на Исус Христос  Постар од денот над Успението на западниот ѕид, како и на претставата на Вознесението Христово насликано на источниот тимпанон. Живописот во црквата содржи високи ликовни остварувања кои се видливи во целото сликарство.

Слични статии