Култура

Промоција на „Зборот остава траги“ од Тони Димков

Вечерва (9 ноември), во Младинскиот културен центар, си почеток во 20 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Зборот остава траги“, збирка на интервјуа на реномираниот новинар, Тони Димков. Книгата е издание на „Магор“, а промотори ќе бидат Илинденка Петрушева и Влатко Галевски.

Книгата „Зборот остава траги“, со поднаслов „Збирка интервјуа што ги надминуваат границите на своето време“, е прв заокружен публицистички труд на Тони Димков и содржи разговори со плејада истакнати личности и дејци од уметничкиот живот во Република Македонија – при што авторот успева да постигне изворно и прецизно портретирање на личностите, како и на поширокиот социо-културен контекст, во кој живеат и творат самите автори.

Станува збор за 21 интервју со истакнати творци, како Матеја Матевски, Љупка Џундева, Ферид Мухиќ, Илија Пејовски, Киро Урдин, Слободан Унковски, Оливер Белопета, Вања Лазарова, Душко Димитровски, Глигор Чемерски, Дејан Дуковски, Венко Андоновски, Илинденка Петрушева, Никола Ристановски, Владимир Блажевски, групата „Фолтин“, Сергеј Андреевски, Иван Џепароски, група „Бернајс пропаганда“, Петра Селишкар и Бранд Ферро, како и интервјуа со меѓународно афирмирани личности, како Желимир Жилник и Фред Келеман. Заедничката нишка, што ги поврзува споменатите интервјуа е содржана во длабокото понирање низ биографијата на селектираните соговорници, како и стремежот за проникнување во срцевината на нивната уметничка егзистенција.

Тони Димков (1969, Скопје) е новинар од областа на културата и уметноста кој со години ги следи творештвото на македонските уметници од повеќе области и сите позначајни фестивали и културни манифестации во Република Македонија.

Слични статии