Кумановската „Нотр дам“ е еден од најубавите објекти во градот
— 2 ноември, 2016Занаетчискиот дом во Куманово е сигурно еден од најубавите и најрепрезентативните објекти на градот, кумановската “Нотр Дам”, препознатлив белег на градот и сигурно најинспиративното архитектонско здание на рускиот инженер Владимир Антонов.
Ова е првиот објект во Куманово со сопствен водовод од бунар. Преку систем на цевки, со пумпа водата се качувала на кровот во резервоар, за да се поврзат санитариите во објектот
Во периодот помеѓу двете светски војни Куманово било претежно занаетчиски град. Занаетчиите биле организирани во своја сталешка организација, преку која ги реализирале своите интереси и цели. Оваа организација е формирана 1920 година во времето на Кралството на СХС, а функционирала до 1962 година, кога се укинуваат локалните комори и нивните ингиренции ги преземаат регионалните, односно Стопанската комора на Македонија.
Во декември 1923 година на седница на Занаетчискиот еснаф била донесена одлука за покренување на иницијатива за формирање на фонд за изградба на дом, кој ќе служи за културно издигање на занаетчиската младина. Домот првенствено требало да има голема сала за разни собири, концерти, матинеа, читална, пеачко друштво, кино сала и слично. На 20 мај 1924 година, започнал да функционира Фондот на занаетчискиот дом, чија првенствена грижа и задача била да собере средства за изградба на занаетчискиот дом во Куманово. За прв претседател бил избран кондураџијата Теодос Маневиќ.Средствата за изградба на Занаетчискиот дом се акумулирале по повеќе основи: преку редовни месечни влогови на постојаното членство на Фондот, влогови на втемелувачи, добротвори и големо добротвори, разни завештувања на Фондот, подароци, приходи од забави, матинеа, лотарии, концерти, прилози од Занаетчискиот еснаф и кредити. За конечно завршување на зградата биле земени кредити од Занаетчиската кредитна банка од Белград, како и од “Вардар” банка од Скопје. По она што е напишано на мермерната плоча која се наоѓа во Кумановскиот архив, а која при осветувањето на објектот во 1930 година била ставена на ѕидот, најзаслужни за изградба на Домот се кондураџијата: Милан Стојановиќ-Лонка и кројачот Коста Дајлевиќ, кој во 1920 година беше и претседател на црвената, комунистичката општина во Куманово, како и нивните соработници: Ѓоша Атанасовиќ, Стојман Ѓелевиќ, Петар Хаџи Поповиќ, Апостол Поповиќ, Захарије Алексиќ, Ѓорѓе Т. Јовановиќ, Тодор Ѓелевиќ, Трајко Илиќ и Димитрија Пуриќ. За извонредни заслуги за подигање на овој објект,имаат и неколку званичници од Белград: Милан Ј. Стојановиќ, Живота Лазаревиќ, Стојадин Анѓеловиќ, Јаким Смијановиќ, како и кумановачанецот Ќира Анѓеловиќ.
Плацот за изградба за Занаетчискиот дом во Куманово, инаку локација позната во чаршијата како”Јашар бегови анови” бил откупен од турскиот рентијер во Куманово, Мустафа Јашар Бег. Комплексот постоел уште од турско време и главно се состоел од меана-гостилница, ан и ситни дуќанчиња. Фондот на занаетчискиот дом на Мустафа Јашар Бег му платил за плацот средства во износ од 251.000 денари.
Главниот проект за изградба на Домот, Фондот му го доверил на тогашниот општински инженер Владимир Антонов,а градежните работи на градежниот претприемач Крсто Јовановиќ од с. Гиновце, Кривопаланечко, а мајсторите од ова село биле рамни на тогаш познатите црнотравски мајстори.
Камен темелник на Занаетчискиот дом во Куманово бил удрен при крајот на мај 1930 година. Објектот бил започнат во период кога државата и светот ги тресеа големите светски економски кризи. Занаетчискиот дом бил завршен за релативно кратко време, за шест месеци. Свеченото пуштање во употреба, односно осветувањето на Домот се случило на 21 ноември 1930 година, кога била организирана помпезна свеченост, а објектот свечено бил “осветен” и пуштен во употреба од претседателот на тогашната влада на Кралство Југославија, Петар Живковиќ.
Вкупната цена на чинење на Занаетчискиот дом, по сочуваната пресметка, која исто така се наоѓа во Кумановскиот архив, а била испратена до Банот на Вардарска бановина во Скопје веднаш по изградбата, изнесувала 979.561,23 динари, плус средствата платени за плацот 251.000 денари или вкупно 1.23о.561 динари.
По проектот, Домот располагал со дуќани кои се наоѓаат на кат, во која требало да се одвиваат сите културни активности на занаетчиската младина, како и разни деловни и манифестациони активности на кумановските занаетчии, потоа мала сала со летна тераса и кујна, која се наоѓала на вториот кат, како и со администартивни простории, и простории за домување, кои биле во задниот дел на објектот, каде што денес работи Кумановскиот архив.
Треба да се напомене дека ваквата функција на Домот не целосно профункционирала во периодот по изградбата, иако била во рамките на зацртаниот габарит: дуќаните, од кои два уште тогаш биле продадени. По ослободувањето сите дуќани биле во функција на социјалистичкото трговско претпријатие “НАМА”, поточно биле споени како штандови.
Во 1963 година во Куманово беше изградена нова Стоковна куќа во која се префрли старата “НАМА”, така да дуќаните повторно се вратиле во првобитната функција, односно делуваа посебно.
Големата сала по изградбата, покрај користењето од страна на занаетчиите и за забава на младината, егзистираше како кино сала и беше дадена под закуп. Како кино “Напредок” функцинираше во сиот период по ослободувањето, се до пред десетина години, кога поради опаѓање на оваа дејност почна да ја менува својата намена. Денес е сосема празен и неискористен објект.
Просториите во задниот дел на Домот се користеа за административни работи (канцеларии на Занаетчиската комора до постоењето на коморите 1962 година), стамбен простор по ослободувањето, деловен простор за работа на разни занаетчиски коперации, а во шеесетите години на минатото столетие му се отстапени на кумановскиот Архив, кој и денес, како Подрачна единица на Државниот архив на Македонија делува во овие простории.
Со Законот за национализација во 1948 година овој објект беше национализиран од страна на државата. Меѓутоа по обжалување на решението, Владата на НРМ го врати објектот на занаетчиите, односно на Занаетчиската комора во Куманово, која на некој начин стопанисуваше со него се`до нејзиното укинување во 1962 година. И покрај тоа што формално правно е сопственост на асоцијацијата која ја наследила поранешната Занаетчиска комора, во нашиот случај некое Занаетчиско здружение во Куманово, тоа не најде сили посеризно да се занимава со овој објект .
Со Занаетчискиот дом денес стопанисува државата, поконкретно, дел е под ингиренции на локалната самоуправа (големата сала и непродадените дуќани) и на државата (просториите во т.н. заден дел, каде е сместено Подрачното одделение на Државниот архив на Македонија.
Занаетчискиот дом во Куманово е сигурно еден од најубавите и најрепрезентативните објекти на градот, кумановската “Нотр Дам”, како што знаат некои да речат, препознатлив белег на градот и сигурно најинспиративното архитектонско здание на рускиот инженер Владимир Антонов кое, покрај останатите, го остави на Куманово.
АРХИТЕКТУРА
Објектот има правоаголна основа и ја следи регулационата линија. Концепт на масивно приземје расчленето со лачни отвори, изработено од правоаголни камени блокови. Во растерот на лаковите се инплементирани и два влеза кои имаат потенциран лак со нагласена вертикала преку пиластри. Јавниот влез се разликува со полукружно завршени стаклени површини, додека службениот влез е повлечен и завршува со права линија.
Високите вертикални пиластри, се лишени од било какви декорации со стоги академски правила. Геометризираните вертикални елементи ги обединува со завршен хоризонтален венец, од кој на експресивен начин се развиваат кулите на челната фасада, надвишени над останатиот волумен кој има динамичен волумен.
Ѕидните платна на јавниот дел се организирани со големи стаклени површини кои поминуваат двокатна висина и даваат транспарентност на објектот низ големата сала. Во станбениот и административнот дел имаме помали прозорски отвори и затворено ѕидно плато.
Волумените се јасно издвоени според својата функција и се читаат на фасадата. Приземјето е рустично обработено како волумен и има трговска дејност. Двата влеза се означени по вертикала. Главниот, на подолгата страна, службениот на потесната страна на објектот. Големата сала како волумен е потенцирана со големите прозорски отвори. Станбено административниот дел е препознатливи по својата затвореност и едноставност. Над него се шири балустрадата на летната тераса од малата сала.
Ова е првиот објект во Куманово со сопствен водовод.Тој се состоел од бунар за вода кој преку систем на цевки, со пумпа се качувал на кровот во резервоар, за да се поврзат санитариите во објектот со вода.
Употребен е армиран бетон во изработката на меѓукатните конструкции, со армирано бетонски ребра по системот “Хербис”.
Изведен е систем на оџаци низ целиот објект со цел комплетно загревање на овој комплексен внатрешен простор.
ПРОЕКТИРАЊЕ И ВНАТРЕШЕН ПРОСТОР
Карактеристично е влијанието на функционализмот и рационализмот во проектирање на овој објект, каде низ архитектонскиот облик се истакнува содржината и намената на просторот, со потенцирање во висина на јавните простори.
Објектот е поделен на три функции: приземје со трговска дејност, голема сала и заден дел со канцелариско-станбена функција.
Во приземјето се одвива надворешно обиколување со големи стаклени површини кои се реклама за она што се продава. Дуќаните се поделени со носиви ѕидови кој ја намалуваат својата дебелина кон средината, што овозможува изведба на патеки за внатрешно движење низ приземјето со штандовски систем.
Со самото влегување во главниот влез, движењето е прифатено од репрезентативни трокраки скали со мермерни газишта и ограда од ковано железо. Целата вертикала е осветлена со голема стаклена површина. Главното полнење на овие скали е наменета за Големата сала и нејзината галерија. На влезот на големата сала има влезен подест поврзан со санитарните простории и задниот административен дел.
Големата сала има правоаголен облик, со двокатна висина, од три страни обиколена со галерија. На подолжните страни се повторува ритам на полно празно од плафон до таван, на потесната страна салата завршува со заоблен централен дел кој завршува со лоџија која гледа на плоштадот обработена со балустрада. Во салата постојат кружни скали кои водат до двете кули кои гледаат на плоштадот. Простор со прекрасна панорама.
Низ главните скали се стига и до вториот пар на кули, кои се наоѓаат централно на објектот, со административен дел од две работни простории, како позиција на скали.
Службено – станбениот влез е повлечен на потесната страна на објектот. Со хуманоста, монументалноста, светлината е во ист ред со главниот влез. Карактеристична е висината на просториите кои се развиваат во овој влез. Првиот кат каде било сместено станувањето и работилниците на занаетчиите (денес простории на Архивот) има висина. Вториот кат каде е сместена малата сала, канцеларијата на претседателот на занаетчиите и влезот за галеријата на Големата сала има висина. Вториот кат ја зафаќа половина од површината на катот, останатото е летна тераса со сопствена кујна.
Освен со елементи за негово зацврснување вметнати при реконструкцијата 1982 година и адаптација на малата сала, за потребите на Архивот, објектот во целина го има сочувано својот првобитен изглед.
Уредник во списанието Корени
Димитар Масевски
Текстот е преземен од KumanovoNews