На последната вечер на 35. Скопски џез фестивал, со „Supersonic“ и „Pilverize the Sound“
— 16 октомври, 2016На последната вечер од Скопскиот џез фестивал ќе настапат, групата „Supersonic“, на францускиот саксофонист и вокалист Томас де Пуркери и трубачот Питер Еванс, кој заедно со неговото трио „Pilverize the Sound“ќе се претстави со неговиот нов проект. Првиот концерт, како и секогаш треба да започне во 20 часот, локацијата е во Македонскиот народен театар.
Де Пуркери е познат како фронтмен во квинтетот со тромбонистот Даниел Зимерман и како пејач во рок-групата „Риголус“. Во 2012 година го основа „Supersonic“, состав од шест музичари, инструменталисти, со различни, богати потекла и стилови, за да го обработи репертоарот на Сан Ра. Tие се пред сè џез инструменталисти со заедничка љубов кон трансот, мелодијата и импровизацијата. Тоа е суштината на музиката што ја изведува оваа група. Supersonic обединува песни што имаат универзална димензија што им се обраќа на сите. Далеку од омаж или имитација, музиката на групата ја раскажува нивната уникатна приказна преку овој извонредно идиосинкретичен материјал на маестралниот фронтмен од Чикаго, кој тврдел дека е од Сатурн.
„Pilverize the Sound“ ги обединува њујоршките експерименталисти: Питер Еванс на труба, Тим Дал на електричен бас и Шејна Данкелман на тапани и ударни инструменти. Тројцата соработувале со музичари од различни жанрови, а од 2010 работат на експерименталниот пристап кон компонирањето и импровизацијата, свират развлечени хипермодернистички партитури што заеднички ги напишале и аранжирале. Музиката е далеку од кој било препознатлив жанр и вклучува, компактни, прецизно изведени нумери, остри звучни ѕидови, тишина, импровизација и мотиви што се повторуваат. Pulverize the Sound создадоа естетика неповрзана со вообичаените практични размисли на група што е извонредно дури и за нејзините три члена. Групата успеа да го привлече вниманието со свирење музика што е екстремна на секој можен начин: брзината, гласноста, темброт и колективниот наплив ја преминуваат границата кон непознатото. Нивното истоимено предизвикувачко и револуционерно деби во 2015 година го издаде дискографската куќа „Relative Pitch“.
Годинашниот 35. Скопски џез фестивал почна во четвртокот, со концерти на еден од најиновативните импровизатори на француската џез-сцена, пијанистот Бојан З. и на триото на светскиот виртуоз на гитара Џулијан Лаж. Завчера публиката уживаше во музиката на бразилскиот гитарист Винисиус Кантуарија, како и во настапот на полското трио на пијанистот Марцин Василевски и неговиот гостин, саксофонистот Јоаким Милдер, додека полноќната програма во Денсинг салата на МКЦ беше резервирана за светски популарната Џош Стоун.
Синоќа во МНТ настапија двата врвни авангардни џез состави – американскиот квартет „Made to Break“ и скандинавското трио „The Thing“, а по полноќ во Сити хол центарот концерт имаше македонскиот состав Гоце Стевковски септет со гостинот Џијан Емин.
Покровител на годинашниот Скопски џез фестивал е Министерството за култура, а поддржувачи Градот Скопје, Амбасадата на САД во Македонија и Делегацијата на ЕУ во Македонија.