„Скопски џез фестивал“ со највисоко реноме во регионот
— 8 октомври, 2016„Скопскиот џез фестивал“ (13-16 октомври) и на ова 35.издание годинава, ја продолжува традицијата што ја градеше изминатите години и повторно носи големи и познати џез имиња од светската музичка сцена. Директорот на „Скопскиот џез-фестивал“ Оливер Белопета на вчерашната прес-конференција истакна дека нивната основна заложба е фестивалот да го сочува исклучително високиот квалитет и репутацијата којашто ја има во регионот но и во светски рамки. – Секоја година традиционално се одржува европската џез-конференција, каде што годинава „Скопскиот џез-фестивал“ доби највисоки оценки и беше оценето дека Фестивалот со години ја држи позицијата за изработка на најдобар плакат, рече директорот на „Скопски џез фестивал“ Оливер Белопета на вчерашниот прес за новинари. Тој направи една споредба со квалитетот и реномето што го има овој фестивал и средствата со кои го поддржува државата. Иако фестивалот со години ја одржува позицијата за еден од најдобрите џез фестивали, Министерството за култура оваа година издвоило средства од 75 000 евра, сума што е објавена на официјалната интернет страна на Министерството. За споредба со останатите џез фестивали во регионот, на пример, Белградскиот џез фестивал добива 230.000 евра поддршка од државата, Сараевскиот џез фестивал добива 270.000 евра од државата и Љубљанскиот џез фестивал државата го поддржува со 200.00 евра. Но и покрај тоа „Скопскиот џез фестивал“ успева да ја реализира зацртаната програма и да го сочува реномето што го има со години, носејќи врвни џез музичари од европската и светската џез сцена.
На 13 октомври во МНТ, Фестивалот ќе го отвори еден од најиновативните импровизатори на француската џез-сцена, пијанистот Бојан З, кој потекнува од Балканот, поточно од Белград. На вториот концерт, истата вечер ќе настапи светскиот виртуоз на гитарата, Џулијан Лаж со своето трио.
Втората фестивалска вечер е резервирана за бразилскиот гитарист и кантавтор Винисиус Кантуарија кој во Скопје ќе го претстави својот најнов проект во кој изведува песни од Антонио Карлос Жобим. (Antonio Carlos Jobim“) . По него ќе настапи триото на полскиот пијанист Марцин Василевски. Третата вечер е резервирана за американскиот состав „Мејд то брејк“, предводен од Кен Вандермарк, по што следува и скандинавското трио „Тинк“, кое практично е основниот бенд на саксофонистот Матс Густафсон. За крај, на 16 октомври, на програмата се концертите на трубачот Питер Еванс со својот нов проект, како и на Томас де Пуркери исто така со еден необичен и интригантен состав.
Полноќната програма на фестивалот на 14-ти октомври ќе ја отвори познатата британска пејачка на соул музиката, Џос Стоун, чиј глас се споредува со Арета Френклин. Саботниот полноќен концерт, пак, е резервиран за македонскиот состав Гоце Стевковски септет кој за оваа прилика ќе настапи со гостинот Џијан Емин.
Концертите на годинашниот „Скопски џез фестивал“ ќе се одржуваат на три локации во градот, Македонски народен театар, МКЦ и Сити хол центар.
Покрај Министерството за култура Фестивалот е поддржан од страна на Прилепска пиварница, „Телеком“, винарија „Тиквеш“, Групацијата и фондација „Аполонија“, Про-кредит банка, Делегација на европската Унија и други.
Влезниците за фестивалот се достапни на продажните места на Југотон Рекордс, Македонски народен театар и онлајн на www.mktickets.mk .