Промовиран првиот филмски месечник, „Филм Плус“
— 18 октомври, 2016Пред голем број присутни, вчера, во кафулето „Менада“ беше промовиран првиот месечник за филм, „Филм плус“. Вакво списание недостигаше со години и беше потребно да се појави во Македонија, списание што го посакуваа оние кои се или ќе бидат дел од филмот, истакна меѓу другото Сунчица Уневска, која заедно со Влатко Галевски се уредници на месечникот, „Филм плус“.
– Она што најмногу не изненади е што, правејќи ја концепцијата и одбирајќи ги темите уште за првиот број на „Филм плус“, излезе дека најголем број на содржини се поврзани со македонскиот филм. Иако интенцијата беше да се направи македонски филмски месечник, сепак, никој, па дури ни авторите, не очекуваа дека ова издание со 48 колор страници ќе биде речиси целосно исполнето со македонски филмски содржини. Ова зборува дека навистина има за што да се пишува и дека македонската кинематографија е една жива и пулсирачка средина, рече Сунчица Уневска.
Првиот број на „Филм плус“ донесува рецензии за најактуелните филмови, текстови за македонските млади таленти од филмот, разговор со филмски работници чија професија најчесто не е во прв план, а донесува и репортажа директно од филмскиот сет.
„Филм плус“ на своите страници ќе обезбеди место за филмски критики на млади резензенти и ќе ги промовира на овој начин. Исто така, најдобрите филмски критики прогласени на конкурсот што секоја година го организира филмскиот фестивал „Синедејс“, ќе бидат објавени во „Филм Плус“.
„Филм плус“ ќе се дистрибуира во цела Македонија и ќе може да се купи на продажните места, почнувајќи од денеска, 18 октомври. Целта на „Филм плус“ е да воведе и да се претвори во традиција, со која ќе придонесе кон движење и менување, не само во поглед на македонската кинематографија, туку и во поглед на односот кон филмската уметност воопшто, а најмногу кон критичната опсервација и креативна мисла, која се повеќе недостига во нашата земја.