Прескап геноцид врз скопската архитектурат
— 17 август, 2016Ова е ирационален проект кој има за цел да ги понижи сите живи и покојни автори кои оставиле трага во македонската архитектура. Ова е архитектонски геноцид, вели проектантот на зградата Палома бјанка во Скопје, Трајко Димитров, за Радио Слободна Европа.
Град Скопје продолжува со рефасадирање на зградите во центарот во барок стил. Нов лик ќе добијат неколку згради на улица Македонија и околината, меѓу кои и зградата до хотелот Бристол, каде што е сместена Шпаркасе банка, како и зградата на Палома бјанка. Се работи за нови модерни згради за кои беспотребно ќе се трошат народни пари, при што врз нив се врши злосторство, коментираат архитектите.
Во буџетот на Град Скопје се предвидени 5,7 милиони евра за реконструкција на фасади, а од нив веќе 3 милиони се потрошени. Допрва треба да се избере изведувач за зградата на Шпаркасе банка, како и проект за реконструкција на фасадата на Палома бјанка.
„Овде не е во прашање инвестирање. Овде е во прашање обезличување. Не смее да се дојде до терминот колку чини, бидејќи ова е луда идеја. Готов објект од едната страна префасадиран. Значи нема смисла да се наоѓа смислата на нашите вложени инвестициони средства. Тоа е бесмислено. Овде е во прашање еден ирационален проект кој има за цел да ги понижи сите живи и покојни автори кои ги оставиле овие дела. Ова е архитектонски геноцид“, вели Трајко Димитров, кој е архитект на објектот Палома бјанка, или како што тој сака да ја нарекува Белата гулабица, која според него, повеќе нема да биде слободна.
Тој додава и дека повеќето архитекти уште пред стартот на проектот „Скопје 2014“ биле против неговото спроведување. Но, како што наведува, целта е токму обесмислувањето на плејада архитекти кои оставиле белег.
Неговиот колега Ѓорѓи Константиновски смета дека има неколку причини зошто се инсистира на барок и меѓу другото потенцира дека се работи за расипништво со пари.
„Најверојатно тоа го прават затоа што некој ги полни џебовите со пари и чисто тука е, како да ви кажам, некоја лична сметка. Глупост е сè што се прави во барок. Тоа е бришење на еден многу значаен историски период од архитектурата на Македонија и сакаат тоа да го избришат и да го промовираат овој таканаречен квази барок, кој воопшто не одговара на нашата архитектура. Тоа го прават со цел да се истакнат и да ја покажат својата моќ и својата сила дека еве ние што правиме, а всушност прават злочин“, вели тој.
Димитров порачува дека единствена опција која им останува на архитектите е да побараат помош од УНЕСКО.