Култура

„Неславно славна Флоренс“ ја освои публиката во Сараево

Сараевскиот фестивал (12 до 20 август) оваа година донесе многу изненадувања, многу добри филмови и исклучителни гости. Покрај еуфоријата што на почетокот ја донесе Роберт де Ниро, големо внимание предизвика и еден од најпровокативните британски режисери, Стивен Фрирс, чиј најнов филм „Неславно славна Флоренс“ (Флоренс Фостер Џенкинс) е на врвот на гласовите на публиката. Интересно е дека овој филм, во кој главните улоги ги играат Мерил Стрип и Хју Грант, се прикажа првиот ден од фестивалот, па сепак, еве до самиот крај остана на прво место по гласовите на гледачите. Второто и третото место постојано се менуваа, ги завземаа други филмови, но „Неславно славна Флоренс“ остана во фокусот во текот на целиот фестивал.

И тоа е навистина особен филм, но и особена вистинска приказна од првата половина на 20 век. Флоренс е богата наследничка, исклучително друштвена, личност која ја поддржува и вложува многу во културата, но и која сонува да биде оперска пејачка. Таа тоа и ќе го оствари, иако има ужасни пејачки способности, со помош на нејзиниот менаџер Клер Бејфилд, кој ќе и остане верен до крај. Филмот е и забавен и смешен и тотално откачен, но што е најинтересно тоа навистина се случило и Флоренс ќе стигне и до Карнеги хол, а за нејзиниот настап ќе пишуваат и сите најважни весници во тоа време. Мерил Стрип е неверојатна во улогата на Флоренс, но совршено и парира и Хју Грант, а одлична улога дава и пијанистот Сајмон Хелберг (кого го знаеме од серијата „Теорија великог праска“).

Еден од најубавите филмови што имавме можност оваа година да го видиме на фестивалот, дефинитивно, е „Матура“ на Кристијан Мунџиу. Мора да се каже дека романските филмови некако предничат на фестивалот. По два романски филма се вклучени во програмата „Во фокусот“ и во Главната програма, во која фаворит е „Кучиња“ на Богдан Мирица. Но, за „Кучиња“ веќе пишувавме, овде би сакале да се осврнеме на филмот „Матура“. Мунџиу с` повеќе докажува дека е многу зрел автор, кој со своите „едноставни“ приказни секогаш умее да изненади и одушеви.

„Матура“ е, всушност, приказна раскажана низ судбината на таткото, кој сонува дека ќерката ќе го оствари она од што тој и неговата сопруга се откажале, ќе отиде да живее и да студира во странство. Но, работите ќе отидат во сосем друг правец, кога ќе кулминира сето она што е потиснато, но што се случува во неговиот живот. И кршливиот однос и лажна поддршка што тој и ја дава на сопругата, и нецелосниот однос со неговата љубовница, од која секогаш очекува да е тука иако сето она што неа и се случува е на споредно место во неговиот живот, но и односот со неговата ќерка, чии вистински потреби и желби ги занемарува с` дотогаш додека не мора да се соочи со нив. Тој, како и сите родители, нели, и мисли најдобро на својата ќерка, но колку сето она што го прави е навистина најдобро за неа. Доктор Ромео Алдеа е подготвен и да ги згазне своите принципи, но колку таа „жртва“ ќе донесе ако вистинската мотивација е погрешна. Извонредно воден филм и ликови, атмосфера и емоции кои ве носат до работ, соочувајќи н` со вистинските нешта, но вистински за кого?

Во главната програма меѓу осумте филма кои се борат за „Срцето на Сараево“ вклучени се и два турски филма, многу различни меѓу себе, но и двата одлични. „Ливада“ е драма во која едниот од синовите, кој западнал во долгови спасот го гледа во полето кое му припаѓа на семејството, а кое тој сака да го продаде, а „Албум“ е црна комедија која низ приказната за една двојка што сака да посвои дете, на што не се гледа баш благонаклоно во Турција, прави таков „циркус“ кој совршено ја отсликува моменталната состојба во општеството, но и пошироко.

Во трка за „Срцето на Сараево“ е и црногорскиот дебитантски филм на Иван Мариновиќ „Игла под прагот“, кој беше многу добро прифатен во Сараево. Тоа е приказна за суеверието и за животот на полуостровот Луштица, која Мариновиќ ја води многу автентично, а во која главна улога игра Никола Ристановски. Во Сараево беше и авторот на музиката Тони Китановски, а во филмот споредна,но извонредна улога дава и нашиот Митко Апостоловски. Филмот многу позитивно го оцени и критиката, а Ристановски и Китановски беа одлично примени од публиката, која не штедеше комплименти и пофални зборови.

Од главната програма би го спомнале уште и бугарскиот „Безбожничка“ на Ралица Петрова. Тоа е филм за една негувателка на стари лица, која во сивилото и безнадежноста во која живее, тотално е лишена од емоции, додека старите луѓе ги запоставува и им ги краде личните карти што ги продава на црниот пазар. Филмот е снимен во некое зафрлено место, сиво, безживотно, во кое Гана тотално вегетира, не успевајќи да најде среќа ниту во својата врска, ниту во било што, освен во црковната музика која на моменти и ја носи надежта. Петрова добро го води филмот фокусирајќи се на главниот лик на Гана и на нејзиното безизразно лице, но факт е дека ова е екстремен, едноличен и неубедлив филм кој постојано инсистира на тоталниот безизлез.

Но, она што е интересно, се реакциите на критиката секаде каде што овој филм беше прикажан, на која секогаш и е најважно да го потенцира животот во посткомунистичкото општество и ваквите филмови да ги гледа низ таа призма. Така, тие навистина се претвораат во „совршена слика на општеството“, која не е реална, но на некои автори тоа и не им е важно, се додека нивниот коњ добива на трките. Малку сме уморни од целото ова ограничено гледање и потреба да се воспева односно да се сочувствува со нешто што одамна не е такво какво што можеби било пред 15 години.

imageВо Сараево своите нови филмови ги претставија и Мирјана Карановиќ, која во „Добра жена“ за првпат се јавува како режисер и косценарист, и Лазар Ристовски, кој со „Дневникот на машиновозачот“ ја освои наградата на публиката во Москва. Интересно е дека и тука публиката одлично го прифати овој откачен филм, кој ги опишува машиновозачите како невини убијци кои тешко можат да се помират со тоа, но кои знаат дека тоа е неминовност што „мора да им се случи“. На прес-конференцијата тој и режисерот Милош Радовиќ се шегуваа и го нарекуваа филмот романтична комедија (иако баш и не е романтична), но дека тој им е посветен на нивните татковци кои работеле во железница.

Фестивалот годинава има многу придружни активности кои се занимаваат со најактуелните прашања во светот. Така, Денот на човековите права беше обележан со панел дискусија на тема: „Дали низ образованието можеме да се бориме против насилниот екстремизам?“ Всушност, фокусот беше на системот на образование во Пакистан, за што беше прикажан и филмот „Во друштво на верници“. Станува збор за филм кој го истражува вознемирувачкото ширење на радикалното учење на исламската школа „Црвена џамија“ во Пакистан, која обучува генерации деца своите животи да им го посветат на џихадот или светата војна, уште од најмали нозе.

Фестивалот завршува денеска со врачување на наградите „Срцето на Сараево“ во Народниот театар. Единствен филм од Македонија што се бори за оваа награда е анимираниот „Девојката што паѓа“ на Владимир Лукаш, кој беше вклучен во натпреварувачката програма на кратки филмови.

Автор: Сунчица Уневска за Text

Автор:

Слични статии