Култура

Најдобар филм во Сараево турскиот „Албум“

За најдобар филм на годинешниот 22. Филмски фестивал во Сараево беше прогласен турскиот „Албум“ на Мехмет Џан Мертоглу, една симпатична црна комедија за брачен пар што сака да посвои дете, која го шиба општеството, предрасудите, востановените норми кои водат до „урнебесни“ апсурдни ситуации. Интересно е дека ова беше трета година по ред како турскиот филм ја понесува главната награда, „Срцето на Сараево“ за најдобар филм. Лани тоа беше „Мустанг“ на Дениз Гамзе Ергувен, а преклани „Песната на мојата мајка“ на Ерол Минтас.

Но, ако лани се знаеше дека „Мустанг“ ќе победи, тогаш оваа година победата на „Албум“ беше изненадување. За фаворит на годинешниот фестивал важеше романскиот филм „Кучиња“ на Богдан Мирица, кој иако деби донесе големо мајсторство и совршено направен трилер подеднакво интригантен како во драмскиот дел, така и во визуелниот стил.

 На второ место, по „Албум“, беше ставен бугарскиот филм „Безбожничка“ на Ралица Петрова, која не можеше да дојде до збор од плачење, примајќи ја наградата. Зошто? Затоа што и не ја очекувала и затоа што овој филм беше интересен, но сигурно не за таков триумф. „Безбожничка“ е, исто така, сместен во едно зафрлено место во Бугарија и ја следи приказната за Гана, која ги негува старите, често дементни луѓе, од кои ги краде личните карти и ги продава на црниот пазар.Ирена Иванова многу добро ја игра Гана, покажувајќи ја на своето лице целата несреќа, незадоволство, безнадежност и рамнодушност, на која не и е гајле за ништо, која ги занемарува и малтретира старите луѓе, и која нема ни да трепне дури и кога случајно ќе дојде до убиство. Иванова заслужено го доби „Срцето на Сараево“ за главна женска улога, додека на филмот му припадна Специјалната награда на жирито.„Кучиња“ е приказна за 30-годишниот Роман кој наследува земја во едно зафрлено место близу до црноморскиот брег, каде што се случуваат многу чудни работи. Исчезнуваат луѓе, испливуваат делови од тела, во темнината се состануваат некои возила… Остарениот полицаец, кој е пред пензија, е решен овој пат работите да ги истера до крај. Извонредно водена и структурирана приказна, со одлично исцртани ликови, со фантастична, минималистичка глума, со особено чувство за апсурд кое потсетува на браќата Коен, со еден неверојатен визуелен сензибилитет. Но, жирито предводено од палестинскиот режисер Елија Сулејман, не му даде дури ни утешна награда, туку Специјално признание. Единствената оправдана и заслужена награда беше за главната машка улога на Георг Вису, кој го игра полицаецот.

Паѓа в очи, а и тоа е веќе востановена, ноторна вистина, дека она што е важно на фестивалите, особено големите и она што им е важно на повеќето, е да се истакне политичкиот момент, да се даде награда онаму каде што треба да се даде и поддршка или да се „придонесе“ кон некој процес на детектирање на нештата, односно да се даде признание со кое ќе се нагласи храброста да се зборува за некои работи кои ги гушат општествата. Предрасудите за Турција, а особено за Бугарија и за состојбата во посткомунистичките земји, за која многумина сакаат да веруваат дека е таква како што е претставена во бугарскиот филм сместен на маргините, секако дека имаа големо влијание во поглед на наградите. Романскиот филм повеќе се занимава со карактерите и со човечките приказни, отколку со општеството и веројатно тоа му беше недостатокот. Штета.

Во документарната програма, сосем очекувано, две награди понесе „Scream for me Saraevo“ на Тарик Хоџиќ, кој се навраќа на 1994 година кога Сараево беше под опсада и кога впрочем и започна овој Фестивал. Инаку фокусот на филмот е на концертот на Брус Дикинсон, кој настапил во Босанскиот културен центар, и покрај ризикот за својот живот, и покрај ризикот за сите оние кои присуствувале на тој концерт. „Scream for me Saraevo“ ја доби Специјалната награда Ал-Џезира Балкан и Наградата за човечки права.

„Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм повторно отиде во Романија за „Само здив“ на Моника Лазуреан-Горган, која зборува за семејството и за љубовта видена низ контрадикторното однесување на таткото, чија врска со господ е пред сe. Специјално признание за човечки права доби и краткиот документарец на словенечкиот режисер Дамјан Козоле за „Граница“, каде што ја раскажува приказната за мигрантите кои ја преминуваат „шенгенската граница“ меѓу Хрватска и Словенија.

Додека, „Срцето на Сараево“ за најдобар краток филм го освои Милица Томовиќ од Србија за „Транзиција“, во кој се занимава со прашањето за промена на полот. Специјални признанија добија и романскиот „4,15 попладне, крај на светот“ и хрватскиот „Звир“.

Сараевскиот фестивал имаше сто илјади посетители. Оваа година беа прикажани 223 филма од 61 земја, распоредени во 18 програми. А бројката на гости порасна на 2.000 акредитирани гости од 70 земји. Годинава на фестивалот во Сараево пристигна еден од најголемите актери на денешнината, Роберт де Ниро, а во фокусот беа и интригантниот британски режисер Стивен Фрирс и смелиот и необичен мексикански автор Амат Ескаланте.

Во Талент кампусот во Сараево годинава беше и македонската актерка Сара Климоска (која имаше одлична улога во „Џган“), а на „Синелинк“ маркетот во програмата „Work in Progress“ беше претставен проектот на Ѓорче Ставрески „Тајната состојка“. Во овој индустриски дел каде што се даваат награди за поддршка на проекти во различни фази на развој, поддршка повторно доби новиот проект на Теона Митевска „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“. Тоа е награда на „Еуроимаж“ за развој на копродукции, која изнесува 20.000 евра. Во жирито за наградите на „Синелинк“ беше и Мими Ѓорѓоска-Илиевска како директор на Агенцијата за филм, која од лани доделува награда на маркетот во висина од 10.000 евра. Лани Дарко Башески и ја додели наградата на Инес Тановиќ од Босна и Херцеговина, а оваа година македонските пари ќе го поддржат романскиот проект на Руксандра Марија Гитеску, насловен „Otto the Barbarian“.

Автор: Сунчица Уневска за Text

Автор:

Слични статии