Куклици – ремек дело на природата
— 29 август, 2016Во источниот дел на Р. Македонија во селото Куклица – Кратовско, се наоѓа геолошки резерват наречен Весела свадба, познат како Куклици. Спрема една локална легенда, камените фигури претставуваат скаменети младоженци и сфатови.. Легендата вели дека некое момче, не можело да се одлучи помеѓу две девојки, па решил да ги ожени и двете. Тој им закажал на двете девојки во ист ден. Едната од двете девојки, кога слушнала музика истрчала од својата куќа да види кој прави свадба во ист ден кога е и нејзината. Во моментот кога го видела своето момче со друга невеста таа ги проколнала сите присутни. Во нејзиниот бес, таа ги претворила сфатовите, младоженецот и невестата во камени столбови.
Денес, жителите од околината, ова место го сметаат за проколнато и сметаат дека овој камен предел им ги труе козите, кои подоцна умираат. Научните истражувања покажале дека камените кукли се всушност вулкански карпи, создадени од вулканска ерозија. Необичната форма на камењата, која потсетува на човечки фигури е резултат на минералите. Според научниците, карпите во Куклици се настанати од вулканска маса во периодот помеѓу еоценот и плиоценот. Нивната старост се проценува на повеќе од 100 илјади години. Се смета дека овие карпи со живописни форми се геолошка појава изградена од вулкански пепел што подоцна се зацврстила со природни цементи како што се железната руда и силикатите. Релјефите на куклите настанале под влијанието на силната ерозија. Научниците сметаат дека овој простор некогаш бил под морска вода, бидејќи доколку се изгребе од камената маса ќе се види дека таа има солен вкус. Дали верувате во легенди или не, многу посетители на ова необичнс локација тврдат дека ова место има посебна енергија, а камените формации, ги привлекуваат љубопитните туристи со децении наназад.