Култура

Крилеста молња и фигурина на Хермес на Црвено поле

Во текот на истражувањата кои се завршени за оваа година,  стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица  работеа на  две истражувачки единици на населбата и на некрополата Лаките. Притоа,  откриен е досега најголемиот  објект на целата Споменичка целина Црвено Поле вклучително со објектите на Јанина Чешма. Станува збор за солидно граден објект од ѕидани камени блокови  доѕидуван со непечена тула, кој е составен од три простории за кои согласно пронајдените остатоци се претпоставува дека функционирале како работилница и магацини. Во едната просторија е пронајдено  големо количество на железни згури, додека во останатите две, се пронајдени  два питоси и дваесетина помали керамички садови во кои се зачувани јагленисани житарици.  Археолозите за време на истражувањето пронашле и друг движен материјал меѓу кој монета со крилеста молња за која се претпоставува дека е од периодот на царот Трајан или Антонин Пиј и мала бронзена фигурина на Хермес.

Како и останатите објекти на споменичната целина, и овој објект во некои од пљачкашките походи што во тој период ја опустошиле целата Византиска империја кон средината на 6 век бил ограбен, запален  и напуштен. После ова уништување објектот и  населбата никогаш не биле обновени.

Во текот на истражувањата пак на некрополата на Лаките годинава се откриени и комплетно истражени два гроба во кои е пронајден  гробен прилог. Според првичните антрополошки анализи,  се претпоставува дека во овие гробови биле погребани високи и робусни покојници.

Истражувањата на споменичната целина Црвено поле на која освен стручните екипи од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица беа вклучени и студенти од универзитетите „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје и „Гоце Делчев“ од Штип,  ќе продолжат и наредната година.

Tagged with:

Слични статии