Култура

Цела Македонија под закана од ерозија

Климатските влијанија, човековата негрижа, но и природните предиспозиции на земјиштето се највлијателните фактори кои Македонија ја прават ранлива земја од ерозии, пишува Утрински весник. Лизгањето на земјиштето е карактеристично за повеќе од 70 проценти од територијата на нашата земја или како што сликовито објаснуваат нашите експерти, потешко е да се каже кој дел од Македонија не е на удар на ерозија.

Според податоците на Министерството за животна средина, Македонија е една од најзагрозените територии на Балканот. Во нашата земја е доминантна водената ерозија, поточно ерозијата предизвикана од дожд и истечните води. Во централниот и источниот дел на државата почести се површинската и линиската водна ерозија, а во западниот дел преовладува лизгањето на земјиштето и на распаѓање и раздробување на карпите. Според извештајот на Европската агенција за животна средина, Македонија влегува во црвената зона на водена ерозија во Европа. Пред десетина години е изработена и картата на ерозија на Македонија, од која јасно се гледа дека 96,5 проценти од целокупната површина на земјата е под процес на ерозија.

Од таа причина досега многупати сме биле сведоци на демонстрација на силата на природата, која деновиве се случуваше и во Тетовско. Ризикот е огромен особено во стрмните планински и долински терени со растресита земјишна подлога, со неотпорни карпи, а особено на познатите лавинско-свлечишни коридори. Мариово, Козјачијата по сливот на Пчиња, големи подрачја во Дебарско, Беровско, Делчевско, како и по средината на Повардарјето се напуштени и неплодни токму бидејќи се соочувале со агресивни лавини, одрони и свлечишта.

„Природата има механизми со кои и самата се бори против ерозивните процеси, но човечкиот фактор е највлијателен“, смета професорот на Институтот за географија, Ивица Милевски.

Човекот ги уништува шумите, особено со дивата сеча на дрвјата, гради населби, патишта, мостови во подрачја склони кон ерозија, не се грижи за реките и несовесно постапува со отпадот. Наместо да презема чекори за заштита, вели Милевски, човекот свесно ја предизвикува природата.

Наизменичните промени на сушни периоди со поројни дождови и силни ветрови ги поттикнуваат ерозивните процеси. Климатските промени го сменија циклусот на врнежи, но и нивниот интензитет, што во последните години резултираше со краткотрајни, но разорни дождови со голема сила. Неплодната земја не успева да ја прими нагло надојдената вода, која руши се’ пред себе.

„Пошумувањето е најважната и најкорисната активност што човекот може да ја направи. Не само дрвја, туку каква било вегетација, која може да послужи како тампон меѓу ударот на врнежите и земјената подлога. Пошумувањето мора да е активност која не смее да се сведува на еден ден, а особено не смее да се дозволи уништување на она што е засадено пред повеќе децении. Природата има способност за обновување на вегетацијата, но не може да се справи со незапирливата незаконска сеча на шумите за да се обезбеди дрво за огрев“, посочува Милевски.

Биолошките активности можат да се поддржат и со градежни, како ископување на канали за дренажа или пренасочување на водите во најкритичните подрачја. Но, и тие ќе ја вршат својата функција само ако се одржуваат чисти и проодни, а не затрупани со отпад. Превентивното зафаќање на водите на некои реки во микроакумулации е мерка која често се применува во светот.

„Климатските влијанија во последните децении предизвикаа зголемување на просечните температури и интензивирање на врнежите кои наликуваат на бури. Луѓето, свесни дека мора да се заштитуваат, особено во поразвиените економии, преземаат активности со кои на некој начин држат чекор со промените во климата. Но кај нас состојбите се поинакви. Ние треба многу повеќе да работиме и да инвестираме, а првенствено треба да ја издигнеме свеста дека со нашите активности можеме да ги спречиме, но и да ги предизвикаме ерозиите“, вели Милевски.

Автор на текстот: Сања Наумовска

Автор:

Слични статии