Култура

Навистина сме зачудени како излегоа сега несоодветни резултати!?

Борче Стамов, градоначалник на Дојран, не е исклучок од оваа политичка млада, образована гарнитура, полна со стекнато животно искуство,  а  тоа е да се игнорира стручното мислење. Па, нели политичарите се си знаат!. Тој изрази зачуденост како сега излегоа „несоодветни“ резултати и тоа во екот на туристичката сезона!? (Центарот за јавно здравје – Велес, по извршената анализа на водата во Дојранското езеро, донесе забрана за капење на четири плажи). А немаше да биде зачуден ако присуствуваше на трибината на која и тој беше поканет, што се одржа лани во Дојран, на која беа изнесени катастрофални резултати за чистотата на водата во Дојранското езеро. На трибината присуствуваа многу загрижени граѓани од Дојран,претставници на институции во земјава, но не и младиот градоначалник.Тој си ја заврши политичката работа., дојде, ја отвори трибината и си замина. Го чекаа многу „важни“ политички обврски што треба да се одработат за партијата. Развивање на туризмот во Дојран е исто така една стратешка цел што треба да покаже колку е успешна партијата па макар и по цена на здравјето на луѓето.

„Дојранското езеро никогаш не било почисто во последните 20 години. Водостојот и дотокот на нова и чиста вода па и  врнежите кои ги имавме, придонесоа за значително подобрување на квалитетот на водата и навистина сме зачудени како излегоа сега несоодветни резултати и забрана за капење донесена од инспекторатот, а наназад години, кога буквално езерото изумираше, не беше донесена таква забрана, реагира градоначалникот со типично политичка изјава.

Градоначалникот на Дојран, немаше да биде толку зачуден ако присуствуваше на минатогодишната трибина и слушнеше дека во Дојранското езеро се наоѓаат екстремно високи концентрации на отпадни материи, фосфорни и азотни соединенија што ги надминуваат досега забележените концентрации на овие материи во било кој воден екосистем во земјата. Изнесените податоци го ставија езерото во  5-та категорија според домашната легислатива за класификација на водите. До овие податоци дојдоа наши осум научници кои работеа на проект, финансиран со странски пари, а на трибината во Дојран беше презентиран  Извештајот за утврдената состојба на флората и фауната на Дојранското езеро во 2015 година од страна на Регионалниот центар за животна средина – РЕЦ како координатор на проектот.

Но, градоначалникот  го почитува стручното мислење на соседната земја, па вели:

„Зачудени се и нашите соседи од општината Кукуш. Веднаш по веста за загаденоста на водата имавме контакти со претставници на општина Кукуш и тие изразија зачуденост, посебно што неодамна заврши една долга студија од 42 месеца на две реномирани институции во кои се наведува заклучок дека Дојранското езеро има исклучително чиста вода, која е значително зголемена во последните две години“.

Од грчка страна ќе се направи дополнителна анализа, а и од наша страна се прават дополнителни анализи, се со цел вели Стамков, „што побрзо да го отстраниме сомнежот за квалитетот на водата во Дојранското Езеро и што побрзо ја отстраниме опасноста која се заканува за економскиот просперитет на општина Дојран“.

Што побрзо! Македонија нема време за чекање! Битен е економскиот напредок на земјата, туризмот е во прашање! Луѓето се здрави, водата е бистра, кој ги „шиша“ институциите и нивните анализи. Треба што побрзо жителите на селото Николиќ да добијат систем за канализација, (отпадните води од нивните живеалишта сега директно се влеваат во езерото),  многу куќи од градот да се приклучат на канализацијата, (нивните фекални цевки одат директно во езеро), а од пречистителната станица да почне што побрзо да излегува прочистена вода што се влева во езерото.

Министерот за здравство Никола Тодоров,  изјави дека анализите и резултатите се ставени во ПОГРЕШЕН КОНТЕКСТ! Ставени биле во контекст на правила коишто одамна биле напуштени во ЕУ! Тој како министер си дава за право  да ја деградира институцијата што ја направи оваа анализа и да манифестира целосно непочитување на неа и на вработените што се таму, тој искажа непочитување на нивното знаење и стекнатата стручност, непочитување на образовните институции каде го стекнале овие луѓе нивното знаење, непочитување на образовниот наш систем, непошитување на САМИТЕ СЕБЕ! (Тогаш зошто отворија толку нови факултети?) Тој детално го испитал овој случај, секако заедно со негопвите соработници, и како правник, дошол до овој заклучок.

Борче Стамов, да беше на минатогодишната трибина ќе ги слушнеше загрижените Дојранчани и ќе им дадеше одговори за тоа што работи општината Дојран за Дојранското езеро.

Да беше присутен ќе слушнеше за анализата и застапеноста на алгите, за оценката дека езерото е во многу лоша состојба, утврдена е состојба на намалување на бројот на видови, намалување на густината на популациите, висок ризик на изчезнување на видовите и видови под законска заштита и ендемични видови,ке слушнеше до кој степен постои оштетување на рибите,како резултат на загаденоста на водата и нејзина хипереутрофна состојба, дека постои мит за калта дека лекува, (пласиран од претходниот градоначалник на Дојран) а таа напротив е многу токсична. Ако ништо друго ќе се соочеше со фактот дека секое лето, особено деца се разболуваат во Дојран.

Во Дојран не е исполнет основниот услов за развивање на туризам.Фекалиите не смеат да се влеваат во езеро предвидено за капење и рекреација.

Професорот по уставно право, Светозар Шкариќ, роден дојранчанец, кој беше присутен на трибината, кажа: „Во владејачката структура постои договор за апсолутен молк дека езерото е во најдобра состојба, дека ништо не му фали“.

Гордана Блажевска