Култура

Два нови броја на Стрип центарот на Македонија

Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, издаде два нови бројја, 23 и 24,  од ревијата „Стрип креатор“ . Ова списание е продолжение на поранешната ревија Стрип арт и заедно со специјалното издание „Стрип алманах“ е единственото стрип списание во Македонија.

strip

Македонскиот стрип центар како издавач на оваа ревија, продолжува да ја  запазува традицијата и да ги објавува наградените стрипови од претходниот 13 по ред Интернационален стрип салон  „Велес 2015“, но и ја одржува праксата свое место да најде и македонската стрип сцена, којашто е се побројна и треба да се поддржува. Во Стрип креатор број 23 и број 24 излегуваат имиња како што се: доајенот Миле Топуз, Раде Дичоски, Мирко Бојаџиевски, Ненад Станчев, Оливер Цветковски, Јована Велинова , сестрите Ана и Јана Лазарески, како и децата Никола Димов и Димитар Димовски. Со свои авторски текстови за поранешната стрип ревија „Мак стрип“ како и за познатиот издавач Ервин Рустемагиќ се јавува Александар Стеванов, кој истовремено ги подготви и македонските фонтови во преведените стрипови. И овие изданија можат да се најдат во специјализираната стрип книжарница „Бункер“ во Скопје. Впрочем, како што подвлекуваат во СЦМ-Велес, интернационалниот стрип салон и оваа ревија се место каде бројни македонски стрип автори ги издале своите први стрипови, ги направиле првите контакти со автори , издавачи и фестивали од други држави, стекнале први искуства и доживеале поттик за нивно натамошно делување во развојот на македонската стрип сцена . Има неискористен потенцијал во македонската стрип сцена кој треба да се поддржи,безусловно.Стрип центарот тоа и го прави во континуитет.