Комплексот „Македонско село“ отворен за посетители
— 23 јуни, 2016Етно-селото е своевиден повик за разоткривање на богатата традиција на нашата земја, водич за сите што доаѓаат во Македонија. Уверена сум дека етно-селото ќе има големи придобивки во контекст на туристичката промоција на нашата земја, на културниот туризам кој во последните години бележи навистина одлични резултати и посетеност на голем број туристи од целиот свет.
Компанијата „Тинекс“ вечерва свечено го отвори комплксот „Македонско село“ лоциран во село Нерези во близина на манастирот „Св. Пантелејмон“. Етно-комплексот има 12.000 метри квадратни, содржи 16 автентични куќи со сместувачки капацитет од 100 гости, изграден во стилот на традиционалната македонска архитектура.
Селските куќи се изградени по ликот на куќите од различни географски подрачја на Македонија и тоа: куќа од Битола, Велес, Прилеп, Галичник, Рекански крај , Кратовска, Беровска, куќа од Делчево, Куманово, Тетово и од Скопска црна гора. Посетителите ќе можат да уживаат во богатите вкусови на македонска храна и амбиент во трите ресторани кои нудат различна гастрономска понуда.
Етно амбиентот е надополнет со занаетчиски работилници каде гостите ќе можат да се запознаат со традиционалните занаети карактеристични за македонското поднебје, а за најмладите амбиентот ќе биде збогатен со домашни животни.
Во состав на комплексот се хотел, ресторани и дополнителни содржини.
Со одлука на Владата, „Тинекс“ и хотел „Квинс“ – два субјекта кои се во сопственост на Владимир Тодоровиќ и неговото семејство, ќе стопанисуваат со комплексот „Македонско село“ во наредните 20 години. Постапката за избор на концесионерот ја спроведе владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР).
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека се работи за исклучително значаен проект во функција на промоција и афирмација на богатата македонска културна ризница бидејќи, покрај одмор на падините на Водно, „Македонско село“ е и музејска поставка на предмети, носии, сувенири, презентација на стари занаети и обичаи. Лела Крстевска, директор на Агенцијата за промоција на туризмот, рече дека ќе се погрижат да ја поддржат работата на „Македонско село“ со тоа што ќе го нудат во своите промотивни брошури и ќе го претставуваат на туристичките саеми.