Започна снимањето на филмот „Бикини“ на Милчо Манчевски
— 15 мај, 2016Филмот „Бикини“ петтиот по ред игран филм на Милчо Манчевски почна да се снима во Њујорк, на Ист Вилиџ во Менхетен.
Снимањето ќе продолжи во Вилијамсбург, на повеќе локации низ Њујорк како и во едно студио во Бруклин. Филмот е по сценарио и во режија на Милчо Манчевски. По првата клапа режисерот изјавил дека нема поприродно чувство од тоа да се снима во Њујорк. „Бикини“ ќе се снима до средината на јуни, а ќе биде завршен до крајот на годината.
Филмот е копродукција меѓу САД, Германија и Канада, a продуценти се „Цар филмс“ и „Милкмен продакшн“.
Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.
Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната глумица Фелиша Рашад која се прослави со серијата „Козби шоу“. Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран. Директор на фотографија е младиот њујоршки „вундеркинд“ Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски кој соработува со него на сите негови филмови.
Станува збор за прв долгометражен филм на Манчевски во САД после епизодата на серијата ПРИСЛУШКУВАЧИ (THE WIRE) која тој ја режираше за „Ејч-Би-О“ во 2002 година. По студиите во САД, Манчевски живее во Њујорк од 1985 година, каде е неговото професионално формирање и каде освои награда на музичката телевизија Ем-Ти-Ви за спотот „Тенеси“, потоа прогласен за еден од 100-те најдобри во историјата.
Претходно за „Бикини“ Манчевски изјави: „БИКИНИ – како и моите досегашни филмови – зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот ќе го има мирисот на Њујорк, се снима на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа – и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија) “.