Култура
min-za-kultura

Дигитализирани над 340 илјади документи од вредното културно наследство

Отворањето на овој Регионален центар за дигитализација на културното наследство во 2008 година, беше поддржан од страна на УНЕСКО.  Досега во овој центар дигитализирани се повеќе од 340 илјади документи од нашето вредно културно наследство на неколку национални установи.

Најголем број од дигитализираниот материјал е од матичната установа за заштита на културното наследство, Националниот конзерваторски центар – Скопје. Дигитализирани се повеќе од 270.000 примероци на техничка, дескриптивна и фотодокументација на НКЦ, повеќе од 30.000 примероци од фондовите на Конзерваторскиот центар – Скопје, како и 37.000 примероци од документацијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Бројот што се планира на годишно ниво, како што рече министерката, согласно со Стратегијата која е донесена за дигитализација на културното наследство во 2010 година, е околу 70 илјади материјали кои се дигитализираат и таа динамика се следи од овој Регионален центар за дигитализација на културното наследство.

Паралелно со дигитализирањето на документацијата за културното наследство на овие национални установи, активно се работи и на пополнување на националниот информативен систем на културното наследство – niskn.gov.mk, каде што се внесени податоци, односно дигитализирани се материјали за 41 споменик на културата од Република Македонија. Сиве овие активности ги реализира стручниот тим на Центарот за дигитализација каде што има пет редовно вработени.

Министерството за култура како досега, така и во иднина ќе продолжи со поддршка на активностите на Центарот за дигитализација, но и на сите останати проекти кои се во функција на заштита и промоција на нашето богато културно наследство, истакна ,имистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Овие содржини ќе бидат можност за интензивирање на соработката со земјите од регионот и пошироко со кои можеме да партиципираме во програмите кои се во рамките на УНЕСКО и на Европската Унија. НУБ „Св. Климент Охридски“ во рамките на дигитализацијата на библиотечниот материјал, исто така, е задолжена на годишно ниво да дигитализира 10 илјади примероци, и тоа ретки книги, ретки материјали, карти…

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ-Адамс истакна дека тенденцијата е да се соберат сите документи, цела документација за културното наследство во Република Македонија, и заштитените добра и оние што сега се истражуваат и документираат. Во рамките на дигитализацијата, Управата за заштита на културно наследство почна со еден многу значаен проект – Археолошкиот катастар на Република Македонија, кој би требало до крајот на годинава да проработи. Тука врз ГИС-технологија, врз географските информациски системи ќе ги внесеме сите археолошки локалитети во Македонија. Ќе го внесуваме и целото останато културно наследство, манастири, цркви, џамиии.

Слични статии

1 Comment

  1. Горан 18 февруари, 2016 at 16:55

    Одлична работа.