Наградени 24 дела на Конкурсот за класични дела
— 28 декември, 2015Од вкупно поднесени 34 апликации, наградени се 24 дела во 11 категории, додека за три категории (композиции за мелодиски инструмент, композиции со духовен карактер за мешан хор и композиции за квартет) на Конкурсот не пристигнала ниту една апликација.
За резултатите од Конкурсот на денешната прес-конференција во Скопје информираше министерката за кутура Елизабета Канческа-Милевска. Таа подвлече дека преку овој конкурс, кој, според неа, е еден од најефективните што ги спроведува Министерството во насока на соодветно вреднување и стимулација на творештвото на македонските автори, досега фондот на музичките дела од овој жанр се зголеми четирикратно.
Особено е важно што најголем дел од поддржаните композиции веќе се изведени пред македонската публика, и тоа во рамките на концертите на Македонската филхармонија, како и на 38. издание на Деновите на македонската музика.
Министерката за култура изрази надеж дека преку настапите на наменски создадениот оркестар „Контемпора“ наскоро пред македонската, но и странската јавност ќе бидат изведени и останатите дела кои се наградени на овие конкурси.
Според одлуката на стручните комисии, во кои освен претставници од Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) и Сојузот на музичките уметници членуваа и други реномирани домашни и странски автори и репродуктивни уметници, доделени се девет први награди со вкупен износ од 1.390.000 денари, девет втори награди од 1.135.000 денари и шест трети награди со вкупен износ од 810.000 денари.
Конкурсот за стимулација на творештвото од областа на класичната музика, кој се распишува втора година по ред, го поздравија уметниците од повозрасната генерација, но и новите надежи на македонската класична музика.
На четирите конкурсни рокови кои се спроведоа во 2014 и 2015 година е поддржано создавањето на вкупно 91 композиција на 39 македонски автори кои се наградени со износ од 10 милиони и 400 илјади денари. Овие податоци доволно говорат дека сме на вистинскиот пат во нашите заложби за поддршка на авторите и уметниците во нашата држава, во нашите напори за корекција на многу состојби во културата, во нашите настојувања за соодветна стимулација на домашното творештво и негова афирмација во меѓународен контекст, рече министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска.
Композиторите доајени Љубомир Бранѓолица (награден за мјузикл во категоријата за мултимедијална музичко-сценска композиција) и Александар Џамбазов (награден во категоријата свечена композиција за мешан хор и симфониски оркестар) го оценија Конкурсот како поттик особено за младите генерации.