Јавна дебата за правата на авторите без присуство на претставници од ЗАМП и ММИ
— 18 декември, 2015Јавната дебата за имплементацијата на Законот за заштита на авторските и сродните права (ЗАПСП) се одржа вчера во Министерството за култура, но без претставници на ЗАМП и на ММИ. Оваа дебата беше организирана со цел да се подобри имплементацијата за Законот за авторски и сродни права и низ конструктивен дијалог на сите засегнати страни да се креира поволен амбиент за остварување на правата на авторите.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на отворањето на расправата изрази жалење што нема претставници на двете организации а со нивното отсуство тие ги игнорираат интересите на авторите за кои имаат дозволи (лиценци) да ги застапуваат.
– Оваа дебата е организирана за да ги слушнеме мислењата и сугестиите на здруженијата за колективно управување, кои со отсуство демонстрираат неодговорен однос кон своето членство и неподготвеност за дијалог. И покрај нивниот бојкот и неприсуство на дебатата, како Министерство сме отворени за средби, соработка и разговори – рече Канческа-Милевска.
ЗАМП и ММИ не ја исполниле обврската да инсталираат систем за електронско евидентирање и обработка на податоците за емитуваните авторски дела во радијата и телевизиите, со кој точно ќе се знае кој автор, кога и колку пати е емитуван и врз основа на тоа ќе му се пресметува надомест. Софтверот треба да воведе ред и транспарентност во исплатата на надоместоците за авторите, нивен рамноправен третман и правна сигурност. Поради сложеноста на системот, на ЗАМП и на ММИ им беше продолжен рокот за негово инсталирање во радијата и телевизиите за една и пол година и наместо во април 2014, рокот заврши на 30 септември 2015 година.
Според извештајот на Комисијата за посредување, ЗАМП го инсталирал системот кај 126 радио-телевизиски организации, а кај 20, поради одредени околности, системот не е ставен во функција. ММИ, пак, не ја спровел законската обврска затоа што системот го инсталирал на начин кој не е во согласност со ЗАПСП и со Правилникот за обликот, содржината и техничките карактеристики на системот за електронска евиденција.
Министерката информираше и дека Владата неодамна дала негативно мислење за годишниот ревизорски извештај за работата на ММИ за 2014 година затоа што за тековни потреби за своето работење потрошил 82 процента од вкупниот износ на собрани надоместоци од корисниците. Тоа е спротивно на Законот кој за таа намена дозволува да се користат најмногу 15 отсто од собраните надоместоци, а останатите мора да им ги распредели на изведувачите и авторите.