Култура
tri dena vo septemvri

Помалку сапун повеќе филм на годинешниот 14-ти „Синедејс“

Со премиера на филмот „Три дена во септември“ на македонскиот режисер Дарјан Пејовски вечер во киното Милениум ќе биде отворен 14.Фестивал на европски филм Синедејс. Филмот е во селекција за една од наградите во Официјалната програма

Под мотото „Да ја исплакнеме сапуницата од себе, помалку сапун, повеќе филм“ во текот на 11-те  фестивалски дена, ќе бидат прикажани 107 филма. Овој слоган е одбран поради опсадата од сапуници, што некои телевизии ги емитуваат и по 16 часа дневно.  на националните телевизии

„Три дена во септември“ е психолошки трилер, во кој двата главни женски лика преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми. Бегајќи од своето минато, Марика ја запознава Јана. Во нивниот живот се појавува локалниот полицаец Генц, кој ќе поттикне сомнеж за вистинските намери на двете жени.

Улогите ги толкуваат Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Милица Стојанова, Салаетин Билал, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Крјезиу, Ментор Зимберај, Блерим Черичи.

По четиридецениската безмилосна војна против сеопштиот кич, шунд, паланечката малограѓанштина, хипокризијата, ниските вредности, дребното профитерство, срозените морални нормативи, политиканството и останатите  контракултурни, нехигиенски и несогледливо штетни општествени појави и дејанија, фестивалот ова година носи  107 филмови, што ќе бидат прикажани во 11 дена. Фестивалот Синедејс, кој ќе трае до 21 ноември, нуди повеќе од стотина филмови селектирани во неколку програми: официјална програма, СинеБалкан, Гала програма, музички документарци, летонски и македонски кратки филмови и богата придружна програма од работилници, концерти и панел дискусии.

Фестивалот ќе биде затворен на 21 ноември во киното Милениум со филмот „Шишка Делукс”, македонска копродукција во режија на Јан Цвитковиќ. Во Гала програмата се најнаградуваните и најпознатите режисери во 2015 година: Томас Винтерберг со „Далеку од безумната толпа“, Сузан Биер со „Втора шанса“, Паоло Сорентино со „Младост“, Матео Гароне со „Приказна над приказните“, Александар Сокуров со „Франкофонија“, Никота Михалков со „Сончаница“, Вим Вендерс со „Се ќе биде во ред“ и тоа во 3D, Нани Морети и „Мојата мајка“, Вуди Ален со „Ирационален човек“, како и канскиот победник „Дипан“ на култниот Жак Одијар.

Во официјалната програма и програмата Сине Балкан ќе бидат прикажани филмови на млади режисери. Ќе се одржи и меѓународна панел дискусија на тема „Миграции, со професори по социологија, политички науки и филм од регионот и Европа“.

На годинашниот „Синедејс“ се филмови победници или номинирани на  филмските фестивали, меѓу кои победниците во Сараево и во Ротердам – романскиот „Секој во нашето семејство“ и српскиот „Клип“.

Во програмата „Земја во фокусот“ оваа година е  кинематографијата на Египет и ќе бидат прикажани документарни филмови за Арапската пролет.

Слични статии