Завршена конзервацијата на „Успение на Пресвета Богородица“
— 30 септември, 2015Завршија годинашните активности за конзервација на фрескоживописот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во битолското село Велушина од страна на стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола, соопшти Министерството за култура. Годинава интензивно се работеше на конзервацијата на ѕидното сликарство со хронолошки сликарски слоеви од XII до XIX век.
За ова битолско село, првите и најсигурни податоци за постоење, датираат од XV век. Во пописот што го направи Турската администрација на населението во Турското царство во 1468 година, а со кој е опфатена и Битолската нахија, селото е забележано во формата Велушино. Истата форма се среќава и во следниот попис сто години подоцна односно во 1568 год. Почнувајќи од XVIII век турските документи покрај првата ја забележуваат и другата форма – Велушина. Таа станува понатака стандардна и неа ја следат сите битолски документи (сиџили) кои се водат од XVII-XIX век.
Во изминатиот период биле извршени археолошки истражувања и биле откриени темели од постар сакрален објект од VI век. Направена е и целосна дренажа на црквата, со што овој значаен споменик на културата е заштитен од влага. Завршени се истражувањата врз живописот во олтарот, наосот и нартексот на површина од 300 метри квадратни, по што е изработена прецизна дигитална и техничка документација.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Велушина е комплексен објект со досега констатирани четири фази на градба – од крајот на X и почетокот на XI век, потоа XII и XIII век, а во текот на XVIII и XIX век била извршена најголемата реконструкција на црквата. Наредната година ќе продолжи конзервацијата на фрескоживописот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ која е од исклучително културно значење за битолскиот регион, но и за целата држава.