Завршија истражувањата на споменичната целина Црвено поле
— 31 август, 2015Годинашните археолошки истражувања на споменичната целина Црвено поле на планината Огражден, с. Барбарево, Ново Село, завршија за оваа година.
Во текот на истражувањата, кои се дел од програмата на Министерството за култура, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица потврдија дека споменичната целина има вкупно 9 објекти изградени од 1 до 6 век на две истражувачки единици.
За време на истражувањата на просториите во комплексот објекти, наречен Јанина чешма, констатирано е дека станува збор за најсолидни и најрепрезентативно градени објекти на оваа истражувачка единица досега, но, исто така, и најоштетени. Впечатливо е дека еден од објектите функционирал како затворена архитектонска целина, смислено и добро организирана. Просториите се формирани во три реда, со главна централна оска и со по една просторија од север и од југ. Утврдено е дека објектот бил наменет за живеење со придружни простории, како килер и работен дел. Како и останатите објекти на споменичната целина, и овој објект во некои од пљачкашките походи што во тој период ја опустошиле целата Византиска империја кон средината на 6 век бил ограбен, запален и напуштен. Објектот и целата населба никогаш не биле обновени.
Новооткриениот објект на комплексот објекти Паприте претставува објект од една просторија кој функционирал како магацин и работилница. Станува збор за солидно граден објект од ѕидани камени блокови и со покривна конструкција. Тој е единствен од 9-те откриени објекти кој иако бил ограбен, не настрадал во пожар.